Родителите од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, преку новоформираното нивно правно тело за борба за подобро образование на децата „Либрис плус“, бараат итна помош од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и од сите политички партии. Тие испратија писма до политичките партии и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во кои ги објаснуваат сите досегашни преземени чекори, на кои нема никаков одговор, ниту од Министерството за образование ниту од Владата.

-Испративме и известување до премиерот Зоран Заев за незаконското работење на МОН, со сите докази и побаравме од него да ја повика на одговорност ресорната министерка, а побаравме и истата да даде неотповиклива оставка. Меѓутоа, ниту една од овие институции не ни одговори и не презема ништо по однос на нашите преставки и барања, се вели во писмото на „Либрис плус“ до Коцарев.

Од партиите бараат поддршка за измени на Законот за основно образование:

-Подготвивме предлог за измени и дополнување на повеќе од 15 членови на Законот кои ќе придонесат кон обезбедување на поголема заштита на децата во основното образование, како и почитување на правата на децата и родителите, кои пак имаат законско право да одлучуваат за образованието на своите деца, се вели во писмото испратено до сите политички партии.

Граѓанската иницијатива се бори од самиот почеток на голготата со дитигалното учење, односно она на далечина: за соодветни услови за учење, учебници за сите, безбедни и средени училишта, за вклучување на родителите против наметнатата дигитализација од страна на министерката Мила Царовска… Колку што се тие погласни, толку надлежните институции се држат подалеку.

Ќе успеат ли политичките партии и МАНУ да помогнат? До сега беше видливо дека министерката Царовска ги игнорираше и сите релевантни институции кои и укажуваа дека реформата која ја прави е погрешна и треба да се стопира. По локалните избори излегоа и многу анализи, дека однесувањето на токму оваа министерка има голем удел во поразот на владеачкиот СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.