Денешното рочиште за случајот „Монструм“ е одложено доцна синоќа поради проценката на судијата Огнен Ставрев дека е поважно денес итно да продолжи судењето за предметот „ТНТ“, после вчерашното рочиште кое траеше од 9 до 20.30 часот.
Според извори од судот, по завршувањето на вчерашното рочиште за „ТНТ“ во 20.30 судијата Ставрев одлучил дека денес наутро мора да продолжи судењето за истиот случај, па телефонски се јавувал кај адвокатите во случајот „Монструм“ за да им каже да не доаѓаат со нивните клиенти на денешното рочиште.
Првенствено, за случајот „ТНТ“ во декември беа закажани три рочишта, на 2, 18 и 24, а за „Монструм“ само едно – денес на 19 декември. И претходно јавноста и стручната фела негодуваа за проценките на Ставрев, кој е претседател на судечкиот совет во „ТНТ“, а член на советот во „Монструм“, за очигледното форсирање на случајот за рушењето на објектот Космос на коалициониот партнер на Заев, Фијат Цаноски, поставувајќи го прашањето зошто овој случај е поважен за судот од случајот за петкратното убиство на Смилковското Езеро.
По синоќешното негодување на адвокатите дека вонредно закажаното рочиште за „ТНТ“ само 13 часа по крајот на вчерашното е на штета на квалитетното подготвување на одбраната за овој случај, судијата рекол дека „во интерес на обвинетите е судењето да заврши што побргу“.
Овој случај беше користен во реториката на СДСМ пред претходните парламентарни избори како случај за кој, како што најавуваше Заев, „јавноста ќе ја дознае целата вистина“, а наместо некаква „нова вистина“ различна од таа од судењето кое заврши со затворски казни за Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, единствено што се случи по доаѓањето на СДСМ на власт беше пуштањето на слобода на осудените за убиството со одлука на Врховниот суд од декември 2017 година.
Извори од одбраната тврдат дека судијата Ставрев е свесен за повредите на постапката во „ТНТ“ кои не се по вина на адвокатите и обвинетите, односно дека случајот Апелациониот суд ќе го врати во состојба на законитост, но од само нему разбирливи причини брза да го направи во три дена тоа што не успеа да го направи три години.
Еден од многуте чудни „куриозитети“ во овој случај е што се одлагаа рочишта кога судијата Ставрев беше на боледување, но кога еден од обвинетите имаше хируршка интервенција два дена пред едно рочиште, за Ставрев тоа не беше доволно за одложување на конкретното рочиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.