Шведската полиција го уапси Дејан Давидовски, кој е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од македонското Обвинителство, од каде велат и дека Македонија побарала негова екстрадиција.
Како што објави шведскиот весник „СВТ нихетер“, 39-годишниот Давидовски, по кого пред една година има распишано меѓународна потерница и по кого трагаше Интерпол, е уапсен во Шведска, на аеродромот Скаваста каде што пристигнал на 7 април.
Tој е меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието.
Тој е македонски државјанин, но патувал со документи од друга европска земја каде што живеел. Тој има и шведски број на социјално осигурување, бидејќи работел во Шведска.
Кога давал изјава за шведската полиција, тој негирал дека ќе има никаква врска со нападот на Парламентот во Република Македонија. Но, по барање на шведските обвинители, окружниот суд на Никопинг му изерекол притвор бидејќи постои голем ризик да избега.
Од 17 обвинети во упадот во Собранието на 27 април 2017 година, 16 се прогласени за виновни и добија повеќегодишни затворски казни, додека еден обвинет- оперскиот пејач Игор Дурловски е ослободен од обвинението.
Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кој во деновите пред и за време на упадот во Собранието бил носител на златна команда во МВР. Тогашните колеги на Чавков од МВР, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви добија по 15 години затвор, Оливер Поповски- 13 години, а Оливер Радулов- 10 години затвор. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање е казнет со 15 години затвор, а Абдуљфета Алими е осуден на 7 години затвор.
Од осомничените кои со фантомки влегоа во Собранието, највисока казна добија Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо – по 15 години затвор; Вилијам Михајловски доби 14 години затвор, Игор Југ и Горанче Анѓелковски по 12 години затвор, а Александар Василевски-Нинџа доби 8 години затвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.