Ни ред ни дистанца, во Гостивар денеска е тепачка за платежните картички кои почнаа да се издаваат денеска во девет македонски банки. Само една од нив реши овие ваучери да им ги достави на корисниците по пошта, за да се избегнат ваквите слики.

Министерството за финансии соопшти дека од денеска се очекува да се издадат првите картички вредни 28 милиони евра. Банките изработуваат картички за вкупно 324.479 корисници.

Од нив 115.927 се приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување до 22 минатиот месец, со остварен нето-доход до 180.000 денари лани и нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април годинава, согласно евиденцијата на УЈП. Ним им следуваат картички со 9.000 денари. Картичка со 3.000 денари добиваат 117.144 вработени со низок доход кои за периодот јануари- април оваа година оствариле приходи само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари. Домашна картичка со 3.000 денари исто така добиваат и 87.014 млади со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, кои се активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование. Здравствените работници директно вклучени во борбата со ковид 19 на домашните платежни картички ќе добијат по 40 проценти од последната основна нето-плата. Според евиденцијата на Министерството за здравство вакви платежни картички треба да добијат 4394 здравствени работници.

Последните картички до корисниците треба да стигнат најдоцна до 18 јули, а ако не се потрошат до 15 август, парите што останале на нив ќе се вратат во буџетот. Со картичките ќе може да се плаќаат исклучиво домашни производи и услуги, а трговците имаат задача тие производи да ги издвојат во посебни гондоли или рафтови. Овие картички ќе можат да ги користат и граѓаните чии сметки се блокирани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.