Тројцата професори Драги Димитриевски, Вуица Живковиќ, Петар Атанасов утрово преку соопштение посочуваат дека не ги бојкотираат изборите за избор на ректор на УКИМ туку дека ги ставаат во мирување своите кандидатури.

Ние вчера јасно и гласно кажавме дека нашите кандидатури ги ставаме во мирување согласно со извештаите на Антикорупциската комисија и Државниот просветен инспекторат. Овие избори за ректор се нелегални, недемократски и неакадемски. Нашите кандидатури ги ставаме во мирување, затоа што не сакаме да учествуваме на вакви избори и да дадеме легитимност на целата оваа нелегална постапка. Во текот на вчерашниот и денешниот ден од страна на формални и неформални структури на УКИМ се шират лаги дека се повлекуваме од натпреварот за избор на ректор на Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј‘. Лага е дека ние тројцата кандидати, професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски, кои вчера ги ставивме нашите кандидатури во мирување, се повлекуваме и го бојкотираме изборот, велат професорите во заедничкото соопштение.

Тие потенцираат дека остануваат на ставот дека денешното гласање е противзаконско и нагласуваат дека се залагаат за процедура за избор на ректор која ќе биде демократска, транспарентна и без прекршување на законот.

Тие велат дека овие избори за ректор треба да се поништат и да се прогласат за ништовни.

Според нив, новиот Сенат треба да избере нова комисија за законско спроведување на изборот за ректор по парламентарните избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.