Тројца од 15 здравствени работници во ГОБ „8 Септември“ кои се заразени со ковид-19 се хоспитализирани. Станува збор за една медицинска и две болнички сестри, потврди за „Република“ директорот на болницата проф. д-р Христијан Костов.

Министерството за здравство денеска информираше дека тројца пациенти се починати, а 127 се новозаразени со ковид-19. До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 10 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 42 пациенти. На респираторна машина се 8, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти.

Сите заразени медицински лица се од различни оддели. Од нив пет имаат поизразена клиничка слика, а тројца се хоспитализирани. Станува збор за медицински персонал од повеќе оддели. Засега нема опасност од затворање на ниту еден оддел, вели д-р Костов.

Според директорот најверојатно персоналот се заразил надвор од болницата бидејќи како што вели заштитата на персоналот е на многу високо ниво.

Три месеци немавме ниту еден заразен со коронавирус. Заразата ни дојде од надвор, не е од болницата. Заразените медицински лица кои се хоспитализирани имаат средна клиничка слика. Останатите се дома, во изолација, изјави д-р Костов за „Република“.

Тој потврди дека секоја вечер имаат најмалку по 10 нови пациенти.

Од Инфективната клиника имаме помош, дојдоа двајца анестезиолози и неколку медицински сестри. Засега не станува збор за затворање на ниту еден оддел. Забранив секакво собирање на персоналот, вели Костов.

Во болницата „8 Септември“ во моментов има 8 заболени на механичка вентилација, 2 на сипап маска и шестмина се на кислородна поддршка кои дишат сами.

Во ГОБ „8 Септември“, медицинските лица досега успеаја од респираторна машина да вратат во живот двајца пациенти, еден на 35 години и еден на 47.

Од 18 март кога беше прогласена вонредна состојба, болницата со капацитет од 400 легла практично функционира како инфективна клиника.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.