Д-р Арбен Зибери е разрешен од директорската функција во Центарот за јавно здравје-Скопје затоа што го поткопа угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, изјави министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Разрешувањето следува по неговата изјава во однос на работата на Комисијата, со што сметам дека го поткопа угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, кои во цел овој период работеа водејќи се од професионални принципи. Одлуките коишто ги носеа беа исклучиво врз основа на медицинската наука, на епидемиологијата и сметам дека апсолутно никој не смее да политизира и да добива политички поени на такво сензитивно прашање, рече Филипче.

Министерот вели дека нема политичка позадина разрешувањето на Зибери, кое доаѓа во моменти кога неговиот чичко е кандидат за прв премиер Албанец, додавајќи дека нема да дозволи никој политички да поентира од кризата.

Во целиот овој изминат период во којшто, практично, целокупниот здравствен систем е посветен на решение на проблемите коишто произлегуваат од кризата со ковид-19 имаше и други разрешувања. Тројца директори беа претходно разрешени, ова е четврти. Нема да дозволам никој да ја политизира оваа стручна работа на Комисијата за заразни болести. Нема да дозволам никој политички да поентира, затоа што овие луѓе 4 месеци, практично без прекин работат посветено, со цел да се заштити здравјето на граѓаните, рече Филипче.

Разрешувањето на Зибери следува откако тој се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите со цел да се вратат иселениците и да гласаат на изборите за премиер Албанец.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.