Владата на денешната редовна седница го разгледа и прифати Националниот план за Ковид-19 вакцинација во Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.

Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани.

Фазите, како што појаснуваат од владината прес-служба, ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови, се вели во соопштението.

Националниот план, појаснуваат, опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.