Работните тимови на власта и на опозицијата денеска ќе одржат нова средба во обид да се постигне согласност за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.

Средбата е закажана во 18 часот во Министерството за правда.

Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати.

Во ТВ-дуелот со Мицкоски Заев најави дека ќе прифати се што не подразбира заштита на криминал и е согласно Уставот и законите. На Фејсбук, пак, по дуелот, напиша дека СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да се уништува.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на ТВ-дуелот кажа дека до Министерството за правда и до меѓународната заедница доставиле 65 амандмани, откако Министерството претходно ги прифатило принципите што го побараа – правда за секого и сите, меѓународни правила и прописи инкорпорирани со сето значење и почитување на човековите права согласно принципите на Судот во Стразбур, ЕК и Венецијанската комисија.

Од Министерството за правда потврдија дека вечерта по завршувањето на тв дуелот меѓу Заев и Мицкоски, до нив пристигнале амандманите за Законот за јавно обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, се одвиваат консултации и со помалите парламентарни политички партии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.