Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, вечерва ја поддржа иницијативата на Општина Струмица во одбележувањето на 2 април, Меѓународниот ден на децата со аутизам, со осветлување на општинската зграда во сино и притоа истакна дека политиките и социјалните услуги кои ги реализира Министерството се со цел да се вклучат децата со аутизам во општествените текови.
Тренчевска се сретна со родителите на деца со аутизам и рече дека МТСП ја има надлежноста и во детската заштита, односно инклузија на децата од предучилишно образование на кое се работи интензивно.
Зборувавме и за правата од социјална заштита коишто ги има во рамки на системот за социјална заштита за децата со попреченост. Тоа е правото за попреченост и посебниот додаток, како и сите оние социјални услуги коишто ги развиваме заедно со нашите партнери, тоа се единиците од Локалната самоуправа, Црвениот крст, како и граѓанските организации како провајдери на овие услуги коишто им се нудат на лицата со попреченост, подвлече министерката Тренчевска.
Додаде дека Владата и Министерството го развиваат и создаваат концептот на едно општество за сите во кое сите граѓани ќе ги уживаат човековите права и ќе имаат еднакви шанси и можности, како и еднаков пристап до сите ресурси во општеството.
Навистина направивме многу со реформата до 2019 година којашто интензивно продолжува да се реализира и како Министерство и како Влада продолжуваме понатаму да се грижиме за сите ранливи категории на граѓани со посебен аспект и фокус на лицата со попреченост, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Kоординаторот за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски, рече дека било кој ден кога се одбележува ден на било која категорија од лицата со попреченост треба да биде ден кога ќе се работи со инклузивен пристап, кој го промовира и Владата и Министерството. За таа цел тој најави дека ќе посетат повеќе институции во Струмица, кои се дел и од социјалната заштита и од образованието од аспект дека како Влада се создаваат и промовираат реформите кои ги реализираат повеќе министерства и опфаќаат повеќе области.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.