Како лидер на политичката опозиција во земјата, Зоран Заев стана синоним за храброст и предводник во борбата за правда, слобода и демократија. Во февруари 2015 година, Заев го почна проектот „Вистина за Македонија‘, објавувајќи го прислушуваниот материјал со кој беа откриени криминалните активности на владата предводена од Груевски. Ова е само дел од биографијата на новиот министер за финансии доставена вчера до Собранието.
Израснал во скромно, земјоделско и традиционално семејство. Почнувајќи од рана возраст, тој и неговиот помлад брат беа вклучени во семејниот земјоделски бизнис, како единствен извор на приход. Заев и неговиот брат беа воспитани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем, пишува во биографијата до пратениците.
Понатаму, во биографијата се наведува дека Зоран Заев беше средношколец кога Македонија ја стекна својата независност во 1991 година.
Покажува афинитети за математика и беше опкружен со членови на семејството кои беа просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера на македонското општество. Во 1997 година, Заев дипломирал на Економскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ каде што продолжил со постдипломски студии по монетарна економија и финансии, стои во биографијата.
За неговите мандати како градоначалник на Струмица се вели:
Под негово водство, градот оствари економски подем и стана град со најдобар кредитен рејтинг. По победата на изборите во 2013 година, го започна својот трет последователен мандат како градоначалник на овој град и оваа функција ја извршува до декември 2016 година. Поради очигледниот успех во развојот на градот, Зоран Заев стана еден од најпопуларните политичари во Македонија поради неговата отвореност и достапност. Тој беше единствениот градоначалник кој на својата работа и даде најголема јавност и транспарентност преку редовните месечни настапи на локална телевизија, каде ја претставуваше работата на општината и одговараше на сите прашања на граѓаните.
Што се однесува до периодот кога стана лидер на СДСМ и претседател на владата, во биографијата стои дека Заев како опозиционер станал синоним за храброст и предводник на „борбата за правда, слобода и демократија“.
За економските теми, во биографијата стои дека а време на мандатот на Заев, државата постигна историски најниска стапка на невработеност во јуни 2019 од 17,8%, како и највисока стапка на директни странски инвестиции во износ од 624,5 милиони евра за 2018 година.
Како големи постигнувања на неговата влада, пак, се наведуваат намалувањето на невработеноста, решавањето на отворените прашања со соседите преку договорите со Бугарија и Грција, како и деблокадата на евроатланските интеграции. Текстот завршува со номинацијата на премиерот за Нобелова награда поради Преспанскиот договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.