Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека демократските општества имаат потреба од функционални институции, одговарајќи на прашањето дали изборите се неопходни за функционирање на правната држава или се само политички тактизирања.
Ние сите работиме под притисок на овие прашања поврзани со здравјето на луѓето кои се приоритетни и не треба да заборавиме дека нашите демократски општества, имаат потреба од функционални институции бидејќи најголемите потешкотии потоа ќе се појават за да се смират последиците од епидемијата. Треба да се донесат низа економски мерки и одлуки што би можеле да се донесат само од страна на легитимни институции, а кога ќе се случи гласањето тешко е да се одговори. Наша желба е колку што е можно побрзо, а, кога мислам колку што е можно побрзо, за тоа е потребна политичка одлука, но и објективна која се базира врз здравствената состојба во земјата – вели Тимоние.
Во врска со преговарачка рамка за земјава која треба да биде готова следната недела, Тимоние потенцира дека станува збор за одлична вест, „зашто можеби е задржан еден од најголемите предизвици со кои требаше да се соочи и да ги надмине ЕУ особено во поглед на геостратешкиот приоритет кон Западен Балкан“.
На прашањето дали изјавата на Бугарија за македонскиот јазик ја гледа како вид ново вето за нашиот евроатлантски пат, Тимоние, меѓу другото, го посочува Договорот за пријателство од 2017 година кој треба да служи како основа за добрите односи меѓу двете земји. Тој е дециден дека европскиот дух подразбира компромис и разум. Според него, треба да се гледа кон 21 век во којшто сме, а не да се вртиме кон 19 век.
Ако една работа не сакаме, тоа е увезувањето на сите овие прашања внатре во европскиот простор. Ние посакуваме Европа да постои како цивилизациски модел, како модел на право, а не како место во кое ќе се водат бесконечни преговори за проблеми кои се поврзани со внатрешната политика, а не со европските проблеми – вели Тимоние во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.