Се поизвесно е дека земјава до крајот на годината ќе добие датум за отпочнување на преговорите со унијата но периодот што следува ќе биде клучен за нејзините реформските процеси посочи денеска францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на конференцијата под наслов „Од партнерство до членство“.

Според него она на што Р. Македонија ќе треба да се фокусира е Законот за СЈО за кој како што рече мора што поскоро да биде донесен бидејќи е од клучно значење за владеење на правото. Не пропушти прилика уште еднаш да посочи дека на патот на евроинтеграциите Франција ја поддржува нашата земја но на потег се реформските процеси кои се уште поважни од датумот.

Во насока пак на големите европски држава како Франција и Германија, но и нивните ставови околу проширувањето на унијата потпретседателот на Европското движење Мухамед Халили пак и денеска посочи оти овие две земји имаат различни гледишта и концепции по однос на ова прашање. Односно дека француската концепција е потешка и поопширна додека пак германската е поотворена и вели очекува во септември тоа да го покаже и гласањето во германскиот Бундестаг.

Анализирајќи го текот на овие процеси за земјите од Западен Балкан кои се аспирантки за членство во унијата Ројтерс но и и грчкиот весник Катимерини повикувајќи се на свои извори на високи официјални претставници од ЕУ во своите анализи додаваат – дека нашата земја ќе добие датум за преговорите до септември но и како што наведува Катимерини голема дилема се отвара кај владите на некои земји членки дали Албанија треба да остане во истиот пакет со нас .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.