Според францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, имало маркетиншки трикови и нереални очекувања дека Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се свесни неговите претпоставени во Париз за тоа што направија во земјава, Тимоние изјави дека во јуни Бундестагот не бил подготвен, ЕУ беше во процес на избори, а во текот на летото, како што рече „мистериозно на некој начин се појави идејата дека одлуката ќе биде компензација за Договорот од Преспа“.
Се случи чудна промена на перспективата. Јас како набљудувач често пати се прашував како од објективна проценка на агендата преминавме кон позитивните и слабите точки на наградата за постигнат договор, од техничките, фундаменталните аспекти, кои се услови за почеток на преговорите се најдовме во ситуација да се занимаваме со прашања од геополитика. Тоа не беше француската перспектива. Геостратешките аспекти се важни, но имаше чудно поместување на вниманието, кое повеќе допира до политички маркетинг, наместо до дипломатки дискусии, рече Тимоние.
Вели дека тоа не е можно само врз основа на Договорот од Преспа и геополитиката, напротив потребни се реално спроведени реформи. Тимоние вели дека Франција постојано предупредувала дека реформите не се доволни, но била игнорирана.
Тимоние без дипломатски ракавици рече дека одговорноста за недобивање на датум за преговори не е само на Франција, туку и на оние земји кои ѝ ветувале на Македонија дека на овој самит на ЕУ ќе биде доделен фамозниот датум. Тимоние рече дека Франција предупредувала дека реформите се клучни за започнување на преговорите, а дека Преспанскиот договор е само еден предуслов, но тоа не е доволно за да се стигне до целта. Според амбасадорот Тимоние, клучните реформи во Македонија не се до крај исполнети, а на чуден начин фокусот бил префрлен само на еден од исполнетите предуслови, а тоа е Договорот од Преспа за името со соседна Грција, чија важност тој не ја оспорува.
Преспанскиот договор можеби е предуслов, но европската агенда е друго прашање и тоа не е доволно. Тоа беше секогаш јасно кај француската страна и тоа беше пренесено кај грчките и македонските соговорници. Не значи дека тоа не е важно, но имаше чудно преместување на критериумите што повеќе беше маркетинг. Можам да ги разберам емоциите, можам да го почувствувам разочарувањето, но ова се политички разговори за иднината на ЕУ, изјави Тимоние.
Додава дека освен на хартија, реформи треба да има и во пракса. Според амбасадорот, одговорност треба да сносат оние кои даваат лажни ветувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.