И во последното интервју на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева се изнесени доста тези и контроверзни тврдења, кои повторно наидоа на реакции од јавнноста.

Реагира и актерот Сашо Тасевски кој на Захариева ѝ порача:

Ај за Тито ако толку сакаш мисице од Пазарџик. Колку да те поднаучиме малку за него и за нашите дедовци и баби.

Тито прво му рече НЕ на Хитлер, кога ги поведе југословенските народи во четиригодишна многу крвава војна против нацистичка Германија и нејзините верни слуги меѓу кои беше твојата татковина мисице од Пазарџик. Слоганот на титовите комунисти беше: Подобро војна отколку пакт со Хитлер!

Твоите дедовци мисице од Пазарџик, се одлучија за Пакт со Хитлер.
Значи првата голема работа што ја направи Тито е што нас Македонците заедно со другите, не стави на страната на победниците.

За таа негова улога во Големата војна доби огромно признание од сите државници во светот. Особено од Черчил, кој во неговите мемоари на многу страници пишува за Тито.

Земи прочитај пред пак да лупеташ и ревидира историја.

Потоа тој Тито му кажа НЕ и на Сталин кога овој сакаше да направи од Југославија сателит на СССР. Твоите дедовци мисице од Пазарџик одма му станаа сателит на Сталин и негов најзаколнат измеќар. И му измеќаруваа на СССР до 1990 година.

И ти мисице најде да зборуваш за тоталитарни матрици кај Македонците?

За разлика од вашиот деденце Живков, Тито не само што признаваше малцинства во Југославија со сите права, туку и сузбиваше секаков обид за националшовинизам. Во Југославија, кога Тито беше жив, беше строго забрането да се работи за создавање на Големи Србии, Хрватски, Албании, Македонии…

Така он ја бранеше идејата на таа држава и државата. Братство единство. Европска вредност Од француската револуција. Масонска. Како сакаш кажи ја.

Сега таа ЕУ, на вас ви дозволува да се однесувате како најдолни шовинисти кон Македонците и уште најдовте да го оспорувате вредносниот систем на Тито и идејата на југословенството.

Тито бил диктатор, така велиш?

Втората голема работа што ја направи е што на секоја република од Федерацијата и даде право за самоопределување, на чие право подоцна се повикаа сите кога се распадна Југославија.

Тито диктатор а?

Тито не стави вето на Уставот во 1974, а требаше и мораше, така ќе го спречеше распадот на Југославија кој се случи подоцна. Но рекол, ако сакаат повеќето децантрализација на државата и партијата, нема проблем, нема да одам против мнозинството партиски другари.

Ова ти личи на диктатор мисице од Пазарџик?

И да не редам за неговата улога во Неврзаните, придонесот за светскиот мир и за реномето кое таа Југославија го уживаше во светот и за реномето на Тито како светски признат лидер. Меѓу првите пет во својата генерација. Рамо до рамо со Черчил, Рузвелт, Де Гол, Брант…. Никогаш сте немале ни приближно толку голема политичка фигура после Пазарџик, ниту некогаш ќе имате. Оттука е вашата омраза.

Неговата големина беше толкава што еве и денес фашистички шушумиги се обидуваат да му ја оспорат, 40 години после неговата смрт. Тоа зборува нешто, зарем не мисице од Пазарџик?

Уште ја чувате лутината и бесот кон него, зашто ви го покажа вашето место.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.