Нефункционално Собрание во време на здравствена и економска криза. Нефункционалното Собрание може да донесе до нова политичка криза. Формално од конституирањето до сега за 2 и пол месеци се одржале 17 седници, а една чини околу 40 000 евра. Граѓаните ги плаќаат пратениците да работат и носат закони, а дел од нив многу често не се ниту присутни на седници, ниту пак носат закони клучни и неопходни за граѓаните во време на пандемија.
Ова е десети парламентарен состав со досега најтесно парламентрано мнозинство од 62 пратеника, 46 од Коалицијата Можеме предводена од СДСМ и 15 од ДУИ и еден пратеник од ДПА.
Дополнителен проблем за блокирање на работата е можноста некој од пратениците да биде позитивен на КОВИД – 19. За онлајн седници нема консензус, а со тоа се јавува и ризик од неможност да се донесат битни законски решенија не само за заштита од КОВИД-19, туку и за економијата.
Една собраниска седница ја чини државата околу 40 илјади евра. Најголемиот дел од седниците до сега беа одржани претежно за прашања поврзани со изборите, верификација на мандати, избор на Влада, ратификации на договори и неколку законски решенија.
Експертите со апел до народните избраници, државниот интерес да го стават пред партискиот.
Поранешниот Претседател на Собранието Тито Петковски смета дека е неопходно пратениците да направат промени во Деловникот и да се договорат за три клучни прашања, пандемијата, евроинтеграциите и борбата против криминалот и корупцијата. Според Петковски во вакви услови можни се две опции или нови парламентарни избори или ново внатрешно, зголемено парламентарно мнозинство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.