Методологијата за пописот ќе донесе непотребно до двојна операција, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Пет проценти се оние граѓани кои треба да се посетат теренски и да се посетат лично. Тоа се десетина илјади граѓани, што значи нема потреба од 30.000-35-000 попишувачи, туку доволно ќе бидат 300-400 попишувачи – рече Мицкоскикоментирајќи ја вчера објавената Методологија врз основа на која ќе се спроведе попишувањето на населението, домаќинствата и становите.

Тој предлага да се користат само електронските бази на податоци со кои располагаат институциите а на терен да се посетат само оние за кои постои сомнеж во податоците.

Најрпвин велат дека постојат бази на податоци коишто ги содржат параметрите коишто се потребни да дадат одговор на прашањето кое е резидентно население, а кое е населението кое изминативе година дена го одјавило своето живеалиште во Македонија, за потоа во вториот дел да велат „попишувачите на терен ќе ја констатираат таа состојба, кажа денеска Мицкоски при денешната посета на индустриската зона „Чојлија”, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали ја разгледал методологијата за Пописот.

Мицкоски нагласи дека кога ќе бидат обезбедени терминалите за отчитување на отисокот на прстот голем дел од дубиозите, лагите, измамите кои што ќе се направат на овој попис ќе бидат откриени затоа што ќе се констатира дека тие луѓе во суштина не се во државата, а тоа како што рече, ќе се случи неколку месеци подоцна, на локалните избори.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА не сакаше да ги коментира политичките изјави околу одложување на пописот за месец – два поради корона вирусот, но наведе дека – “ако има политички договор за одлагање тоа треба да се спроведе во закон”.

Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека ќе го разгледа предлогот на претседателот на државата Стево Пендаровски, за одложување на пописот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.