Во вечерашната дебатна емисија “Што не е јасно?” на Алфа телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој се осврна на моменталната политичка ситуација, одржаните предвремени парламентарни избори, како и за очекувањата по изборите и можните коалицирања и обезбедувањето парламентарно мнозинство.

Мицкоски е дециден дека во ВМРО-ДПМНЕ следуваат големи промени, односно нови кадровски решенија за голем број на функции во партијата, со цел подобрување на структурите и застанување на здрави нозе.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во партијата се неопходни промени и тоа е здраво за една голема политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ.

Голем број на партиски функционери со тек на време се заситуваат од работни обврски, односно не го даваат својот максимум како што тоа е на почетокот, но сечиј придонес е за почит и ничија жртва не смее да се заборави, вели Мицкоски.

“Во партијата следи голема катарза која што ќе зафати прилично голем дел од структурата, особено онаму каде што таа неопходна поради најразлични причини. Промените се нормална работа и нормално е тие да се случат во одреден период. Во ВМРО-ДПМНЕ ќе се случат голем број на промени и тоа во Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, како и во Општинските Комитети низ државата”, додава Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, според него, ќе поработи на кадровските решенија и истите ќе резултираат со одлични резултати веќе на наредните избори.

На партијата и се потребни нови луѓе со визија и енергија кои што со чесна намера ќе придонесуваат за партијата, но пред се за државата. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу посилно и граѓаните можат да очекуваат далеку подобри денови, заврши Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.