Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска учествуваше на „Prespa Forum Dialog“ организиран по повод манифестациите во чест на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор. Груби рече дека Охридскиот Рамковен Договор одигра многу важна улога во трансформацијата на државата и дека ја направи функционална мултиетничка демократија и ја претвори во клучен фактор за стабилноста на целиот Балкан.
Се сеќавам на насмеаното лице на Ерван, со неговото бело палто и шарениот шал, неколку дена по стапувањето на должност, носејќи шише шампањ со цел да прославиме, и тоа на крајот на декември 2005 година кога нашата земја го доби статусот кандидат за членство во ЕУ, токму како резултат на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Рано утрово, еден телефонски повик од г-дин Ахмети, кој денес е тука со нас, го смени говорот што имав намера да го одржам. Пред точно 37 години, на овој ден, тој беше принуден да замине и да побара азил во Швајцарија и да не го види своето семејство повеќе од една деценија. Откако како студент двапати беше уапсен од југословенската тајна служба по демонстрациите во 1981 година, тој успеа да се спаси од третиот обид за апсење и побегна во Швајцарија од каде ја продолжи борбата за демократија и слобода, рече Груби.
Потоа зборуваше за придобивките од договорот.
Колку е повеќе државата верна на своите граѓани и кон сите заедници, толку повеќе граѓаните и заедниците се верни на државата. Што изгуби мојата земја од реализацијата на целосната еднаквост за сите нас и од спроведувањето на Охридскиот рамковен договор? Што изгуби мојата земја со тоа што стана поверна кон сите граѓани?
Не изгуби ништо, доби многу. Мојот колега Талат гордо го води Собранието, Бујар раководи со дипломатијата на земјата, Фатмир ги раководи финансиите, најмалку петмина албански играчи гордо го носеа националниот дрес за време на Европското првенство во фудбал, г-ѓа Беса одлично раководи со Врховниот суд, и така натаму и така натаму, рече Груби.
Додаде дека Охрид длабоко ја трансформираше Македонија и дека Договорот останува наша sвезда водилка кон иднината. Можеби, вели, ако не беше спроведен Охридскиот Договор, немаше да биде реализиран ниту Преспанскиот Договор.
Оваа е причината зошто ги охрабрувам, особено нашите пријатели од регионот да го користат како пример Охридскиот и Преспанскиот Договор како примери за да пристапат смело кон споровите што ги имаат, бидејќи смелоста се исплатува и е гаранција за генерациите што доаѓаат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.