Актерот Сашо Тасевски повикува за екскомуникација на членовите од македонска страна на Мешовитата комисија со Бугарија за историски и образовни прашања, ако продолжат со отстапки.

„Се шушка нашиве историчари што преговараат со бугарските почнале нешто циле-миле, помали отстапки, во смисла, комисијата да не се вика македонска, туку комисија на Р. Cеверна Македонија… и така.

За да не клекнат, постои едно ефикасно средство на закана кон нив. Се вика ЕКСКОМУНИКАЦИЈА. Нивно социјално исклучување во нивната научна и јавна средина. Се правите дека не постојат. Тие се воздух за вас сосе нивните семејства. Мораат да знаат дека тие се виновниците што сите ги избегнуваат и од која причина. Ова средство не е ништо ново. Еден балкански народ до ден денес го употребува кон поединци и семејства земјаци кога тие ќе постапат или кажат нешто против националните интереси на тој народ.

Затоа, вие кои сте нивни колеги историчари, соседи или пријатели, дадете им го тоа до знаење. Дека ќе ги помножите со нула доколку направат глупост во преговорите и ако тргнат по умот на Заев и неговата Пазарџик-камарила.

Човекот е социјално суштество. Не му е баш пријатно кога средината ќе го отфрли целосно и кога ќе сфати дека дома повеќе не е пожелен. И тоа треба да важи за сите кои ќе се дрзнат да го понижат својот народ пред очите на светот.

Треба еднаш да се почне вака, зашто кај нас велепредавството очигледно сè повеќе се доживува како нешто нормално и оправдано во име на некој подобар живот во иднината. Законот за него не важи.

Велепредавството нема иднина. Тоа само отвора многу врати на омраза и гнев. И кога-тогаш завршува со национална трагедија“, констатира Тасевски на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.