Арбен Таравари од Алијансата за Албанците денеска во Брисел имаше средба со тројцата европратеници кои ја следат Македонија, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, а по средбата изјави дека подобро ќе беше да биде прифатен нивниот предлог за промена на Уставот во делот на јазиците, но дека компромис значи дека двете страни попуштаат.

За да се надминат шпекулациите во јавноста, Таравари во изјава за МИА објаснува дека нивниот предлог за уставни измени во делот на јазиците ќе им ставеше крај на етничките теми, за да може земјата да премине на други економски и социјални теми, кои им се важни на граѓаните.

Според Таравари, со нивниот предлог всушност на Албанците би им се вратиле правата кои ги имале за време на СФР Југославија.

Многу подобро ќе беше да се реши во Уставот, да се вгради албанскиот јазик во Уставот и тогаш нема потреба од закон за јазици, и ќе се користеше албанскиот како што се користел во СФРЈ. Практично Албанците тие права што ги имале во Југославија повторно би ги имале. Албанскиот и турскиот беа службени јазици во Југославија- објаснува градоначалникот на Гостивар.

Предлогот на Алијансата не беше прифатен, но, вели Таравари, “ќе биде оставен за некое подобро време“.

Што се однесува до другите три барања на неговата партија, тој смета дека тие се сосема прифатливи и не создаваат никакви проблеми за етнички македонското население.

Едното барање е во Уставот да се додаде Косово како соседна држава на Македонија покрај Србија, Албанија, Грција и Бугарија. Второто е промена во делот каде се набројуваат граѓаните кои ја составуваат Македонија и ќе стои “граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ, итн“, како што објасни и премиерот Зоран Заев вчера.

Според Таравари, ова внесува поголема еднаквост помеѓу граѓаните од различни етнички потекла.

Во Преамбулата практично е рационализирано, да не стојат два пати и да не се чувствува никој како друга категорија на граѓани, сега се граѓани подеднакво исти, подредени по редослед како што се по проценти- вели градоначалникот на Гостивар.

За крај, Алијансата за Албанците понуди и доби да постои можност, по индивидуално барање, во пасошот да стои само “граѓанин на Република Македонија“ без претходниот збор “македонско“.

Ќе има уставен закон, како за лична карта, некои бараат двојазични, некои еднојазични, така ќе биде и за државјанство. Кога ќе барате лична карта или пасош, или ќе барате нормално како што стои: македонско/граѓанин на Република Македонија или можете да барате да стои само граѓани на Република Македонија- објаснува Таравари.

Алијансата за Албанците ќе ги поддржи уставните амандмани оваа недела и вели дека средбата со Заев поминала во конструктивна атмосфера. Тој проценува дека има доволно пратеници за да поминат потребните измени и да се изгласа Преспанскиот Договор од македонска страна.

Што се однесува до ратификацијата на Договорот во Грција, Таравари се надева дека нема да има лоши изненадувања во Атина, бидејќи, како што рече, со оглед на состојбата во регионот, посебно во Косово, Србија и Босна и Херцеговина, „сѐ е можно“.

Ако не помине во Грција, сѐ е под знак прашање, посакувам што побргу да се изгласа во Грција, не би сакал да влезам во такви конспиративни приказни, но со оглед на тоа што се случува во регионот, сѐ е можно. И не е само во регионот, туку се работи и за пошироко  вели Таравари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.