Уставниот суд објасни како ги изгласале додатоци на плата за судиите во висина од 35 отсто од платата, преку интервенции во Деловникот на судот.

Потребата од остварување целосна независност, понисокото ниво на домашните уставни судии во однос на положбата на уставните судови во други земји, како и понискиот статус од судиите во редовното судство, се дел од причините со кои Уставниот суд ги правда интервенциите во Деловникот…
Со последното дополнување на Деловникот, не се одзема правото на законодавецот да утврдува и уредува права, обврски и одговорности на судиите на Уставниот суд и тоа во рамките на Уставот и уставната положба на судот. Но, исто така, ова дополнување не повредува ниту еден закон кој е во сила и не може да се рече дека истото било незаконско како што се тврди, без да се наведе која законска одредба е повредена, стои во соопштението од Уставниот суд.

Последното дополнување на Деловникот, велат од Уставниот суд, е еден од чекорите во насока на остварување на целосна самостојност и независност на судот согласно уставната дефиниција како орган на републиката што е надвор од организацијата на државната власт.

За да се оствари оваа самостојност и независност, потребно е постоење буџетска и административна самостојност на Судот, како и статус на уставните судии кој е соодветен на нивната одговорност за заштита на уставноста и законитоста. Во рамките на Судот беше направена анализа по однос на сите овие прашања, на начин што беа консултирани меѓународни документи и извештаи, а особено на Венецијанската комисија, потоа беше направена споредбено-правна анализа по однос тоа како овие прашања се уредени во регионот и одредени држави од Европската унија, но беше направена анализа и на домашната регулатива. Заклучоците од оваа анализа беа недвосмислени. Имено, Уставниот суд во однос на овие прашања, не само што е далеку под нивото на уставните судови на другите држави, туку е далеку под статусот од некои домашни органи основани со закон. Покрај ова, статусот на уставните судии е многу понизок од она што е на пример предвидено за судиите од редовното судство. И овде не станува збор само за тнр. материјални права, туку и за правата од нематеријален карактер за судиите предвидени со Законот за судовите. За овие прашања, беа одржани неколку работни состаноци на судиите и беше заземен став за започнување низа активности со цел овие состојби да се надминат и беа доставени соодветни предлози до извршната власт во форма на Нацрт-предлог Закон за Уставниот суд, а паралелно беа изготвени и сеопфатни измени и дополнувања на постојниот Деловник, исто така во насока на остварување на функционалната, буџетската и административната самостојност на Судот. Покрај тоа, истите беа покренати и беше разговарано за нив при средбите на претседателот на Судот со амбасадорите на Европската унија, на повеќе европски држави и на САД кои беа остварени во минатиот период, каде едногласно беше заклучено дека за постоење на владеење на правото и заштита на слободите и правата, предуслов е обезбедување на горенаведените услови, велат од  Уставниот суд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.