По коалицискиот брифинг што се одржа вчера со премиерот Зоран Заев во врска со влегувањето на Алтернатива во Владата, гостин во денешен Утрински брифинг беше Мендух Тачи од ДПА.

-Кога се прават договори, секој си го толкува договорт како што сака. Мене ми е важно да се знае дека Албанците не добиваат, а Македонците не губат позиции. Некои велат дека Алтернатива зеле многу места, но тоа не е точно. Далеку сме од оној процент што е договорен од Охридскиот договор. Сега имаме стабилна Влада и стабилни институции, вели Тачи за Утрински брифинг.

Тачи вели дека се чини оти Заев има намера да си замине од позицијата, но тоа ќе зависи од ситуацијата со Бугарија и нејзиниот развој. Тој очекува дека набргу владиното мнозинство може да стигне до 70 пратеници.

-Таравари и неговата партија сега имаат три години да се консолидираат оти им остана само Левица. Сега ќе се отвораат поглавја а за тоа е важно да има стабилна Влада. Очекувам Алијанса полека да исчезнува од политичката сцена, а очекувам дека ДПА ќе се враќа, оти јас бев шеесеттиот пратеник пред еден месец, вели Тачи.

Тачи вели дека ДПА и ДУИ докажаа дека не се инцидентни партии туку се стабилни. Заев долго беше вижечката сила на коалицијата, а доколку дојде нов премиер со промената на претседателот на СДСМ.

-Добро е тоа. Влади што немаат проблеми бргу стануваат автократски. Не верувам дека во следните неколку месеци ќе се повлече Заев оти имаме многу тешки прашања пред нас. Верувам дека ако дојдеме до отворање поглавја ситуацијата ќе се релаксира, вели Тачи.

За проблемот со Бугарија Тачи вели дека како помош на нашата владата се вклучени и странски сили.

-Ако сега не го решиме ова ќе поминат години, вели Тачи со оглед на тоа што од 1 јануари со ЕУ претседавач ќе биде Франција, а познат е ставот за проширувањето на претседателот Макрон.

Тачи вели дека нема да има посебни кадровски промени во институциите оти тоа нѐ враќа во некои други партизирани времиња. Тој смета дека ДУИ почнува да ја губи моќта и дека ние не смееме да градиме паралелни општества.

-Гледаме дека Босна станува нефункционална токму поради вакви работи, поради партии и национализам. Тоа треба да го одбегнеме, вели Тачи за Утрински брифинг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.