Поранешниот градоначалник на општина Тетово, Сади Беџети ќе побара уште еден мандат од тетовци, како кандидат на Демократската партија на Албанците. Беџети денеска ја објави неговата кандидатура пред седиштето на ДПА во Тетово.

Тој вели дека двата мандата на Теута Арифи биле разочарувачки за граѓаните на Тетово и дека поради тоа смета дека тој ќе придонесе повеќе за градот.

– Постојано ги проживуваме последиците од локалното лошо менаџирање, почнувајќи од основните човечки потреби па сѐ до потребите за интелектуален развој. Не можеме да размислуваме на други работи, кога ни недостига вода за пиење. Не можеме да веруваме во општината затоа што го узурпираа јавниот имот и се потонати во коруптивни афери со дозволи за градење. Од град со богата култура и добар граѓански живот, Тетово се претвори во град во кој не се промовира ништо добро, се обесхрабруваат спортските активности, се потценува капацитетот на младите тетовци и ова за жал ги принудува да заминат во странство, истакна Сади Беџети, кандидат на ДПА за градоначалник на Тетово.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, рече досега не разговарал за можна коалиција, но изразува подготвеност за преговори со сите освен со ДУИ, бидејќи, како што вели, токму од оваа партија потекнува злото.

– Подготвени сме да разговараме ние, а и кандидатот со сите политички сили, освен со ДУИ. Нашиот план е промовирање на кандидатот, потоа кампања, а кога ќе биде избран да биде претставник на граѓаните, а не на ДПА, посочи Мендух Тачи, Претседател на ДПА.

Сади Беџети беше градоначалник на Тетово во период 2009-2013 година, кога беше поразен од актуелната градоначалничка Теута Арифи. ДУИ сѐ уште не објавува конкретни имиња, но Арифи никогаш не негираше дека е подготвена и за трет мандат. Од Движењето Беса досега не излегоа со кандидат, но во неколку наврати ставија до знаење дека на изборите ќе настапат сами. Во однос на Алијанса за Албанците едно е сигурно – ќе бидат во коалиција со Алтернатива на Гаши, но ниту оваа партија досега не објавува имиња на кандидати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.