Идејата на Тони Зен да ги преземе работите во свои раце е благородна, но и очајна – обид на професионалец кому државата не му овозможува елементарни услови за живот. Да работи и да заработи.
Неодамна решив да преземам одговорност за моите музички албуми и концертни изданија и самиот да ги продавам онлајн, воедно и да ги дистрибуирам лично до сите вас. Целта ми беше да се подигне свеста кај публиката, но и кај самите автори, дека е потребна меѓусебна соработка и поддршка во овие тешки и кризни моменти, но, исто така е потребно да се има почит и разбирање, и не само сега, туку секогаш. Бидејќи со купување музички албум, цеде, плоча, касета, со купување книга, фотографија, уметничка слика, со купување карта за било каков настан итн., вие ги поддржувате македонските автори од било која област и на тој начин ние опстојуваме. Да нема публика, нема да постоиме, напиша Тони Зен во својата објава на Фејсбук.
Пред неколку дена музичарот започна онлајн предизвик #ЛокаленМузичкиПредизвик за со купување музички албуми да се поддржат музичарите кои веќе една година немаат настапи поради пандемијата со коронавирусот.
На повикот на Тони Зен прв се одѕва скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој ја прошири иницијативата и ги номинираше Коста Петров, Радмила Шекеринска и Јани Макрадули.
„Од мојот пријател Тони Зен на подарок добив два негови албума па тоа ме натера да се потсетам на времето кога активно собирав плочи и се гордеев на мојата колекција. Во деновите кога задолжително седиме дома, а локалните музичари имаат многу помалку ангажмани, е идеална прилика да поддржиме домашна музика и да им помогнеме на овие наши сограѓани.
Затоа, денеска набавив три изданија на македонски музичари и им ги испратив на Коста Петров, Шекериска и Јани Макрадули, за да ги повикам да учествуваат во #ЛокаленМузичкиПредизвик и да го прошират кругот, подарувајќи им музички изданија на своите колеги и пријатели, а со тоа да им помогнат на локалните музичари во продажбата на своите албуми“, напиша Шилегов.
Шекеринска, пак, го продолжи синџирот и ги номинираше Мила Царовска, Дамјан Манчев и Јана Белчева.
„Со задоволство ќе уживам во албумот ‘Underground evergreens’ на нашата музичка група Суперхикс, што ми го испрати Петре Шилегов во рамки на #ЛокаленМузичкиПредизвик“ Го проширувам кругот подарувајќи им музички изданија во домашна продукција на Мила Царовска, Дамјан Манчевски и Јана Белчева со предизвик и тие да го прошират кругот. На тој начин изразувам поддршка во овие корона времиња за нашите музичари и домашната музика, напиша Шекеринска.
И се ќе беше благородно, а сигурно и забавно, да не беше кризата таму каде што е – на 3340 смртни случаи до вчера, 11.457 активни и 0 вакцини.
Ќе беше благородно да им се помогне на музичарите да ги имаше во петтиот сет мерки. Ќе беше благородно и забавно да не бевме на дното во Европа во секоја смисла, на секое поле. Ќе беше забавно да дознаеме каква музика слушаат Шилегов, Шекеринска, Царовска. Сега – не ни е гајле. Ич не ни е гајле каква музика слушате, зашто во Македонија веќе цела година се слушаат лелеци. И се копаат гробови. Безобразно е од оние кои се најодговорни за кризата, кои со прст не мрднаа да набават вакцина оние кои лажат и дрско велат „можевме да не ви кажеме за капарот“ да ги спасуваат музичарите копајќи им гробови.
За восхит е леснотијата со која Шекеринска кажува дека „ќе може со задоволство да ужива во музички албум“. Луѓето во оваа земја не уживаат. Стрепат за своето и за здравјето на своите блиски, за својот и за животот на своите блиски. Секој ден во Македонија се отвораат по дваесет гробови во кои почиваат жртвите на оваа неспособна и алчна власт. А музичарите не работат и не заработуваат токму поради тие гробови. Ја замолчавте Македонија цела година како да е година на жалост, како да е Македонија масовна гробница. Никој не пее, но затоа вие „уживате со задоволство“.
А колку сте само дволични и колку не ви е грижа се гледа што од 10 март до денес ниту еден од вашите номинирани не купил албум. Царовска, Манчевски, Белчева, Петров, Макрадули… ако чекаат на вашата милостина, ќе нема кој да засвири во Македонија, а гробови и понатаму ќе се отвораат.
Наместо да се фотографирате со плочи и компакт дискови, овозможете им на луѓето да работат и да заработат. Купете вакцини, симнете се на земја, погледнете каква мизерна земја за живеење е оваа Македонија и тогаш плочите сами ќе се продаваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.