Вирусот слабее во неговиот ефект, гледате се асимптомски(!) сите новозаболени, но се шири. Вака вчера лидерот на СДСМ ги правдаше своите и чекорите на неговите поданици од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, и уште еднаш даде ултиматум дека избори ќе има летово, милум или силум.
Колку треба да си нечовек, во ден кога има 90 новозаразени и 7 мртви луѓе, да го лажеш народот дека коронавирусот слабее и да ги туркаш гласачите во корона-избори?!, реагираше пратеникот Антонијо Милошоски.
И поранешната пратеничка од редовите на неговата партија го опомена да остане во својата лента.
Зоран Заев не е квалификуван да зборува за однесувањето на вирусот.
Дали Корона вирусот слабее и колку е контагиозен е високостручно прашање за кое искчучиво професионалци врз основ на научни истражувања можат да си дозволат да коментираат, му порача Куновска.
Но, најрелевантниот демант доаѓа од Светската здравствена организација која ги отфрли тезите дека коронавирусот станал помалку вирулентен, по тврдењата на водечки италијански лекар дека Ковид-19 загубил дел од својата сила.
Тврдењата на докторот Алберто Зангрило, директор на болницата Сан Рафаеле во Милано се слични како оние на Заев.
Тестовите направени во изминатите 10 дена покажаа дека вирусниот товар е екстремно мал во однос на квантитетот, споредено со оние тестови кои се правеа пред еден или два месеци, тврди Зангрило.
Изјавата предизвика неверување кај други експерти кои сметаат дека Зангрило можеби ги помешал повисоката стапка на асимптоматски случаи со намалената потентност на вирусот.
Директорот за вонредни ситуации на СЗО, епидемиологот Мајкл Рајан вели дека е опасно да се верува во такви теории.
Новите вируси можат да предизвикаат една од овие две работи кај луѓето: тие можат постепено да се развијат и да станат помалку патогени или, понекогаш можат да станат уште повеќе патогени, предупреди Рајан.
Докторот додава дека не е во интерес на вирусот да ги убие сите кои ги инфицира затоа што тој самиот полесно ќе преживее доколку продолжи да се размножува меѓу луѓето.
Мора да бидеме особено внимателни да не предизвикаме чувство дека, одеднаш, вирусот, по сопствена волја, одлучил да биде помалку патоген. Тоа воопшто не е случај. Ова е сè уште вирус-убиец, предупреди Рајан.
Според Рајан, едно можно објаснување за изјавата на Зангрило е должината на интензитетот и дозата на која луѓето биле изложени.
Со други зборови, апсолутното количество на вирусот на кој сте изложени може да детерминира колку тешка ќе биде вашата болест. Можеби не се работи за слабеење на вирусот, можеби се работи за тоа дека ние, како заедница, успешно ги намалуваме фреквентноста, интензитетот и бројноста на изложувањето на вирусот. На тој начин, вирусот би можел да изгледа послаб, но можеби е послаб затоа што ние подобро се справуваме, а не затоа што вирусот слабее, вели Рајан.
По тврдењата на Зангрило, во дебатата се вклучија и други медицински експерти.
Вирологот Оскар Маклин од Универзитетот во Глазгов оцени дека тврдењата на Зангрило „немаат никаква поддршка во научната литература, и делуваат малку веројатни на генетска основа“.
Професорот на Лондонската Школа за хигиена и тропска медицина Мартин Хиберд вели дека тоа е лажен впечаток.
Во ситуација кога паѓа бројот на тешки случаи, се набљудуваат лица со полесни симптоми и тоа го создава впечатокот дека вирусот се менува, рече Хиберд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.