Дете кое во Македонија започнува со училиште на четиригодишна возраст се очекува да заврши 11 години предучилишно, основно и средно образование додека да наполни 18 години. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се приспособат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години, што значи дека има јаз во учењето од 3,7 години, пишува во извештајот на Светска банка.

Индексот на човечки капитал на Светска банка во земјава во периодот 2010 – 2020 година се зголемил од 0,54 на 0,56, но сепак е понизок од просекот во регионот на Европа и Централна Азија и земјите со висок среден приход.

Според Индексот на човечки капитал кој ги мери резултатите од човечкиот капитал низ целиот свет пред пандемијата, дете родено денес во Македонија ќе достигне 56 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита.

Во Извештајот се наведува дека Македонија од 2010 година направила значителни напори во подобрување на резултатите во образованието и здравството, но сѐ уште постојат предизвици.

Изветајот наведува дека земјите од регионот имаат релативно повисоки приходи, така што се во можност да инвестираат повеќе во основно образование и здравствени услуги, споредено со посиромашните земји.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.