Вршителот на должноста бугарски министер за надворешни работи, Светлан Стоев, изјави дека дијалогот меѓу Бугарија и Македонија мора да продолжи и во иднина за да се оствари единствената и заедничка цел – земјата да почне преговори со ЕУ.

Стоев нагласи дека на средбите со претставници на земјава за време на Форумот во Дубровник, бугарскиот заменик министер за надворешни работи, Румен Александров, предложил разговорите меѓу Бугарија и Македонија да продолжат и да не се губи време во билатералниот дијалог.

Александров во моментов е во Словенија, каде што е и македонскиот вицепремиер Никола Димитров и доколку побара, тој може да се види и да разговара со неговиот бугарски колега. Емоциите се пречка, треба де се гради прагматична политика меѓу Бугарија и Македонија – потенцира Стоев.

Тој нагласи дека промена на Уставот на Македонија е еден од начините за решавање на проблемите со припадниците на бугарската национална заедница во земјата.

Ние ја третираме Република Македонија како суверена држава со сето она што произлегува од таквиот однос – изјави Стоев, додавајќи дека бугарското Министерство за надворешни работи треба „да добие поширока рамка за водење на процесот на преговори“.

Шефот на бугарската дипломатија нагласи дека Бугарија ја третира Македонија со почит, но дека земјава, според него, треба да ја увиди реалноста. Тој како пример за добрососедство ги посочи скандинавските земји, кои, како што рече, постигнале вистинско разбирање и партнерство.

Данска беше една земја со Норвешка до 1905 година, а денес тие го надминаа минатото и се многу блиски – додаде Стоев, кој пред именувањето за бугарски министер за надворешни работи беше амбасадор на Бугарија во Копенхаген.

Одговарајќи на прашање на МИА, Стоев изјави дека не смета оти Бугарија треба да именува специјален претставник за Македонија, следејќи го примерот на земјава која на ваквата должност за односите со Софија го именува поранешниот премиер Владо Бучковски.

Бугарскиот министер праша и зошто земјава не испраќа амбасадор во Софија веќе 18 месеци, додавајќи дека исто како што неговиот македонски колега Бујар Османи „може да го повика бугарскиот амбасадор во Скопје и да го види во рок од 10 минути“, така и тој би сакал да може да се јави и да разговара со амбасадорот на Македонија во Софија.

На прашање на МИА кога Софија ќе го реализира ветувањето за донација на вакцини против Ковид-19 за Македонија, Стоев изјави дека за да се случи тоа, Бугарија мора да има функционален Парламент.

Коментирајќи ја средбата на форматот „Мини Шенген“, во кој учествуваат Македонија, Албанија и Србија, Стоев рече дека е добро да има регионални формати, но е важно во нив да нема политика.

Поврзаноста на регионот е добра, се додека не се користи за политички цели – додаде Стоев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.