Пламенот згасна, но тагата и очајот кај жителите на село Нов Истевник останаа да тлеат. Велат имало пожари и порано, ама овој ќе остане запаметен.
Тие за МИА признаа колку е тешко да се поверува во моќта на огнот, кој само за миг го однел она што е со години градено.
Ситуацијата беше многу страшна, тука се беше запалено, и јас ќе изгорев и се, на една нива тука горе се изгоре, сливи, дрва, што не, од една страна гасни од друга гасни никој немаше време да погледне кај црквата, изгоре и црква и гробишта, камо среќа да не доживеев ова да го видам – вели Ѓорѓија Станоев.
Поради изгорените бандери и немањето струја ја исфрлил цела храна, бидејќи немал каде да ја чува.
Славе Никовски е исто така жител кој беше поштеден од пламените јазли, освен што брои изгорена стока, воедно е и во потрага по таа која за време на пожарот ја испуштил.
Со ред уништуваше се, прскавме со пумпи, вадевме вода од бунарот и прскавме, бог да чува луѓе, ова е страшна работа, Господ да не даде на никој – раскажувa тој.
Слободан Николовски се надоврзува дека огнот фатил оддеднаш.
Од таму привикаа, трчајте гори, тоа одеднаш околу нас буре запалено, дури да отрчаме на едната страна, од другата беше се зафатено, среќа што не настрада некој од нас, бидејќи нема што да правиме, немоќта е голема – додава Николовски.
МИА разговараше и со друг жител кој исто така се соочил со пламенот. Според него, среќа е што барем нема човечки жртви.
Стравот е голем, нема да го заборавиме никогаш, глетката беше страшна уште кога зафати пожарот во шумата имаше мајка со дете само што го виде почна да плаче – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.