Сведокот на обвинителството за случајот „Рекет“, кој пак е осомничен во предмет на СЈО, барал средба со обвинителката Вилма Русковска уште додека бил во куќен притвор, откри таа во нејзиното денешно гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Додека сведокот беше во куќен притвор добив информација дека сака да се види со мене. Не знаев за што се работи. Сметав бидејќи е во куќен притвор ќе мора да испратам барање до судија на претходна постапка, па судијата да го извести обвинителството кое го сомничи и реков „не“, кога ќе излезе, ако излезе, кога сака може да дојде, рече Русковска.

На прашање дали постои можност дека сведокот всушност го пријавил рекетот за да му се одмазди на СЈО, обвинителката рече дека постоела таква опција, но оти токму затоа толку време, два и пол месеци, воделе предистрага.

И давањето поткуп или рекет, рече таа, е кривично дело ама постои едно големо „НО“, кое го ослободува од кривична одговорност ако пријави.

Русковска рече оти и додека траела предистрагата, но и сега по обелоденувањето на случајот, има и други бизнисмени кои сведочат во случајот.

Доаѓаат, но само ви кажувам дека за се што ќе кажат треба да се обезбедат и други докази, рече Русковска, која посочи дека сведочењата се однесуваат на големи суми, од 500.000 евра, па нагоре.

Таа во вчерашното гостување на радио Канал 77 рече и дека вториот мобилен телефон на Катица Јанева не е пронајден.

Од страна на ОЈО не е побара посебна истражна мерка за Катица Јанева. Не ја следиме, а дали некој друг ја следи… Не сум се видела со Катица Јанева. Еден телефон е најден, вториот телефон се уште не е најден. Има наредба за вештачење на одземениот телефон, кое верувам дека до понеделник ќе биде завршено, рече Русковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.