Тројца нови сведоци беа сослишани на денешното рочиште за случајот Плацеви на Водно. Имаше многу контрадикторни сведочења, како и сведочења сосема поинакви од првичните изјави. Сведочеше Бисерка Јовковска Ќаева, сопственик и продавач на еден од становите кои експремиерот Никола Груевски ги изнајмил, но за кои обвинителството тврди дека тој претходно ги купил.
Јовковска Ќаева, според правниците инволвирани во случајот, денеска дала сосема различна изјава од изјавата која ја дала и потпишала во обвинителството пред една година.
Имено пред една година Бисерка Јовковска Ќаева рекла и потпишала дека откако решиле да го продаваат станот ги информирале познатите и пријателите, и по некое време и се јавил телефонски некој кој се преставил како адвокат и им кажал дека е заинтересиран да го купи станот, по што откако се договориле за деталите со него го продале на некоја градежна фирма. Изјавила дека дотогаш никогаш со Груевски не се сретнала како комшија во ходникот, во периодот додека нејзината ќерка живеела таму.
За разлика од оваа изјава дадена и потпишана пред обвинител, денес,Јовковска Ќаева даде поинаква изјава. Вели откако решиле да го продадат станот ги информирале не „познатите и пријателите” туку „комшиите вклучително и Груевски” за кого претходно во изјава кажала дека никогаш дотогаш како комшија не го сретнала во ходникот, а денес и го потврди тоа на прашање на одбраната. Значи никогаш не го сретнала, а го информирала. Таа додаде дека подоцна адвокатите и некои посредници на Груевски, без да именува кои адвокати, одеднаш од еден неименуван адвокат се претворија во повеќе не именувани адвокати, и кои посредници бидејќи и нив не ги именува, се јавиле и го купиле станот. Но, најчудно беше кога адвокатот назначен по службена должност да го брани Груевски ја праша како таа знаела дека се тоа адвокати на Груевски, Јовковска Ќаева одговори дека всушност не знаела дека се адвокати на Груевски. Адвокатот назначен по службена должност да го брани Груевски, не можеше да не реагира потсетувајќи ја на изјавата дадена во обвинителството – велат правници кои го следеле денешното рочиште.
Извори на Република пак коментираат дека Бисерка Јовковска Ќаева некое време била директор на една од скопските клиники. Подоцна имало контрола на нејзиното работење, што не се исклучува како притисок врз неа и нејзиното сведочење.
Втор сведочеше бизнисменот Илија Гечев кој кажа се идентично како во изјавата пред една година, со што обвинителката Лиле Стефанова не успеа ништо да докаже од исказот на овој сведок.
Илија Гечев повтори, како што кажал во обвинителството, дека Миле Јанакиески некаде во 2011 – 2012 година му се јавил и му кажал дека се продава земјиште на Водно во големина од 1200-1300 метри квадратни и ако е заинтересиран може да го види. Тој го видел, разговарал и со некој адвокат Ерол Хасан кој бил овластен да го продава земјиштето и потоа никогаш не се јавил да го купи.
Адвокатот по службена должност побара да потврди дека земјиштето било од 1.200-1300 метри квадратни а не 2.700 или 11.000 метри квадратни кои се предмет на обвинението, по што Гечев го потврди истото, што веројатно и овој сведок кој го донесе обвинителството не зборува воопшто за земјиштето кое е предмет на обвинението.
Илија Гечев изјавил дека адвокатот Ерол Хасан со кого се сретнал, му ги кажал и сопствениците на земјиштето а тоа биле семејството Панделевски од Прилеп, познати бизнисмени, прилепчани и многу блиски пријатели на Миле Јанакиески. Ваквата изјава Гечев ја дал и во обвинителството и потпишал записник за тоа.
-Како од фактот што кажа дека гледал земјиште со големина драстично различна од онаа која е предмет на обвинението, така и од тоа дека адвокатот го информирал дека се работи за земјиште на семејството Панделевски, се воочи измамничкиот обид на обвинителката Лиле Стефанова, која очигледно со поканата на овој сведок кој гледал земјиште во близина на едно од земјиштата за кои го теретат Груевски, сакаше да го доведе судот во заблуда дека Јанакиески го нудел за продажба земјиштето кое таа му го товари на Груевски – коментираат правниците.
Третиот сведок денес беше Татјана Стојановска која 20 години била лична секретарка на главниот сведок на обвинителството Александар Ивановски, познат по прекарот Алек Теранова, кој предходно во изјава кажа дека трето лице му кажало да ги купи двата стана и земјиштето од 2.700 метри квадратни на Водно, бидејќи Груевски сакал за него да ги купи, но тоа трето лице го негираше и го отфрли тоа како невистина.
Додатно Александар Ивановски кажа дека за земјиштето и поголемиот стан никогаш не му било платено, туку тој ги купил од свои средства, и денес се во негова сопственост односно формално сопственост на неговата секретарка Татјана Стојановска, додека за помалата гарсоњера кажа во судот дека некој дал пари ама не кажа кој.
Неговата дво- децениска лична секретарка денес потврди дека Алек ѝ рекол дека сака на нејзино име да ги купи недвижностите, и дека тие се за Никола Груевски.
Таа кажа дека Никола Груевски никогаш не го видела лично, ниту некогаш го чула по телефон, а на прашање дали знае или само претпоставува дека се негови становите и земјиштето, одговори дека само претпоставува, бидејќи така чула од шефот Алек.
Стојановска, беше прашана дали знае дека во време кога Алек Тера нова го купувал овој имот бил во или непосредно пред бракоразводна постапка и дека всушност купениот имот сакал да го скрие од поранешната сопруга во поделбата на имотот во бракоразводната парница, Стојановска одговори дека не била информирана за приватните работи на нејзиниот шеф.
Но Стојановска даде изненадувачки одговор од приватна природа кога беше прашана дали Алек го користел некогаш овој имот, што е целосно приватно прашање за Александар Ивановски, кое таа навистина не се очекува да го знае, но секретарката на Алек одговори дека не го користел, иако не е јасно како таа може да знае што правел тој вон работното време и како тоа тој го издава под кирија на Никола Груевски, договор кој таа го потпишува, а тоа не го смета за користење. Прилично конфузна изјава на Татјана Стојановска, која во кое мачно судство не би била никаков придонес во однос на обвинителството во очите на судот, слично како и сведочењето на Бисерка Јовковска Ќаева. Сведоците јасно наликуваат на сведоци под голем притисок и уцена, па лесно се фаќаат во контрадикторности на нивните изјави, лаги и менување на изјавите од оние дадени во обвинителството пред една година – коментираат правниците кои го следат судењето.
Инаку Алек Тера нова е неколку години редовен “пациент” на обвинителството за случајот “Империја”, каде согласно информациите се обидува да се извлече од листата на обвинети и да стане сведок против другите обвинети.
Тој случај “Империја” го води истата обвинителка, како што истата обвинителка го води случајот “Титаник” за финасирање на изборите, каде обвинети се и сведоци во овој случај Мартин Протогер и Миле Јанакиески, а Лиле Стефанова води и неколку други случаи против Миле Јанакиески. Инволвираните во предметите коментираат дека се врши притисок врз обвинетите од страна на обвинителството за сведочење во корист на обвинителните предмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.