Судскиот совет сè уште ги нема добиено одлуките на Врховен суд кои се однесуваат на два предмета, а со кои се опфатени тројца судии, и нема податок дали се укинати само одлуките за разрешување на судиите или се укинати и решенијата за суспензија, изјави денеска порптаролот на Судскиот совет Љубиша Арсиќ.
Арсиќ, во соопштение до медиумите, напоменува дека откако ќе пристигнат одлуките на Врховниот суд, согласно законот, постапките за судиите ќе бидат повторени.
-Како и да е, според Законот за судски совет, откако ќе пристигнат одлуките на Врховен суд, а праксата вели дека одлуките стигаат за неколку седмици, постапките за судиите ќе бидат повторени од страна на комисиите формирани во Судскиот совет, а потоа новите одлуки ќе бидат конечни, рече Арсиќ.
Судскиот совет на 378 седница, одржана на 14 јули годинава, разреши тројца судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и донесе одлука за престанок на мандат на двајца судии поротници од Основниот кривичен суд Скопје поради навршени 60 години возраст. Тогаш, разрешените судии времено беа одалечени од вршење на судиската функција.
Врховниот суд неделава усвоил три жалби на судии кои Судскиот совет ги разреши, меѓу кои и на врховниот судија Стојанче Рибарев. Другите двајца судии се од Апелацискиот суд во Штип, Сузана Здравева и Зоранчо Мицевски.
Жалбите на Здравева и на Мицевски биле усвоени на седници на Советите за одлучување на жалби при Врховниот суд на 29 ноември (во понеделникот), додека таа на Рибарев на седница што се одржала на 1 декември (во средата).
Во трите поединечни соопштенија од Врховниот суд не се наведени причините поради кои се усвоени жалбите, туку она што е наведено во сите три случаи е дека советите за одлучување ги уважиле жалбите на тужителите, а решенијата на Судскиот совет го укинале.
Рибарев, Здравева и Мицевски беа разрешени на иста седница на Судскиот совет која се одржа на 14 јули годинава. Тогаш оттаму соопштија дека судиите се разрешуваат поради „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.