За судот како да не важат мерките кои ги воведе Владата како превенција од ширање на коронавирусот. Сите рочишта се одвиваат нормално, а посебно се инсистира на случајот „Титаник“ иако за него не се очекува скора разрешница.
Пред денешното рочиште дел од обвинетите, сведоците на обвинителството, но и обвинителката Лиле Стефанова побарале рочиштето да се одложи поради алармантната состојба со короната вирусот и можноста некој од присутните да се зарази имајќи предвид дека на само едно рочиште в судница присуствуваат околу педесет лица.
Неколкумина од сведоците кои се пензионери биле одлучни дека нема да дојдат да сведочат поради тоа што спаѓаат во ризичната група граѓани и им е страв дане заболат од вирусот.
За овој проблем обвинителката Лиле Стефанова се пожалила кај судијата Осман Шабани, а тој пак донел одлука дека за следното рочиште сведоците ќе бидат стражарно приведени.
Колку е сериозна ситуацијата покажува и тоа што сестрата на еден обвинетите е ставена во карантин, а пак еден од адвокатите е вратен од Франција, која важи за високо ризична земја по бројот на заразени.
Во таков случај тој мора да биде ставен во 14 дневен карантин и не се смее да се појавува на рочиштата.
Како што неофицијално дознаваме, поголем дел од судиите се за одлагање на сите рочишта во нарединиот период, но тие не можат да донесат таква одлука.
Се поставува прашањето дали претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев под притисок на власта е главната причина судењата да продолжат по секоја цена и кој ќе ја сноси одговорноста доколку некој присуството на рочиштата биде причина за новозаболени случаи од корона вирусот.
Ова е многу веројатно ако се знае дека на секое рочиште присустуваат по педесетина луѓе, како судии, записничари, новинари, а пак во судот секојдневно влегуваат и излегуваат странки кои се во потенцијална опасност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.