Претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за криминалот во судството“ во Судскиот совет пријавиле корупција во Апелациониот суд Штип и во Врховниот суд.
Како што информираат од Судскиот совет, тие на состанок ја известиле претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска и членовите на Советот за конкретни случаи од подрачјето на Апелациониот суд Штип за кои посочиле дека имало криминал и корупција и споменале конкретни имиња на неколку судии од Основниот суд Штип, од Апелациониот суд Штип и од Врховниот суд.
Граѓанската иницијатива презентираше свои докази во врска со неколку судски случаи преку кои тврдат дека одредени поединци, судии и адвокати, имаат создадено мрежа и со местење на пресуди заработуваат, а парите, според тврдењата на иницијаторите, завршуваат кај поединци. Во прилог на нивните тврдења дека судии незаконски се збогатувале приложија податоци за имотната состојба на некои судии од кои се гледа дека несразмерно се богателе во последните години, а при тоа примале само месечна плата за судиската функција – велат од Судскиот совет.
Оттаму додаваат дека по изнесените сериозни обвинувања на граѓанската иницијатива, составена од искусни бизнисмени чии фирми настрадале во судските процеси, претседателката на Судскиот совет ги известила дека имаат можност да поднесат барања за утврдување одговорност на судиите за да може советот да постапува и да утврди евентуална повреда на законите и неодговорно постапување.
За другиот дел, евентуалната кривична одговорност на посочените судии, надлежно е јавното обвинителство, до кое, како што истакнале на средбата, бизнисмените веќе поднеле пријави, а дополнително подготвуваат и нови.
Судскиот совет ќе направи се што е предвидено според законските можности да се расчистат сомнежите во овие, но и во други случаи што ќе ги пријават граѓаните. Судскиот совет постојано постапува по барањата за утврдување одговорност кај судиите, доколку тие барања се поднесени навремено и имаат содржано докази – порачуваат од Судскиот совет.
Иницијативата „Стоп за криминалот во судството“ е формирана во Штип од страна на десетина бизнисмени, сопственици на компании, кои имаат и по неколку судски случаи во кои сметаат дека биле финансиски оштетени. Затоа го повикаа Судскиот совет, да врши мониторинг на судските процеси во кои била очигледна корупцијата, со цел да ги попречи судиите во криминалот, а на граѓаните и на фирмите да им овозможи полесен пат до правдата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.