Тензично и со надвикување денеска во Кривичниот суд во Скопје почна судењето за таканаречениот предмет „Рекет 2“ за невладината организација на Бојан Јовановски – „Меѓународен сојуз“, во кој покрај Боки 13 обвинети се и неговиот татко Миле Јовановски, заменик-претседателката на Меѓународен сојуз, Јасна Мандиќ, почесната претседателка, пратеничката Фросина Ременски, како и асистентката на Јовановски, Кристина Блажевска.
Јас сум жртва на гол политички систем, рече Јовановски, кој имаше расправија со судијката, за која бараше да не го прекинува додека зборува.
Судијката Софче Гавриловска Еферемовска, пак, откако Јовановски одби да молчи, побара да биде исклучен неговиот микрофон, на што тој возврати дека ќе зборува погласно.
Рускоска го застапуваше предметот „Рекет“ тенденциозно и селективно, а со нејзина согласност судот донесе одлука Кичеец да биде пуштен на слобода. Тој е пуштен бидејќи идат избори и заедно со Рускоска треба да местат избори, рече Боки по што судијката го прекина неговиот говор.
Јовановски се приклучи кон барањето на третообвинетата Ременски за изземање на застапникот на обвинението Рускоска пред државниот јавен обвинител.
Се сомневаме во сите фази во предистрагата, истрагата и оценката на обвинителен акт. Имаме цврсти докази за тоа дека постои селективност во постапувањето на основниот јавен обвинител што го застапува обвинението преку кршење на основните права на одбраната во овој случај на мене, меѓутоа и во делот на попречување на правдата, која што е во надлежност на постапување на други институции, изјави Ременски денеска по поднесувањето на барањето.
По бурниот почеток, судењето „пригодно“ е одложено за 21 јули, поточно, по завршувањето на изборите, иако за претходниот предмет се брзаше да се заврши во рекордно време со закажување на неколку рочишта неделно.
За „Рекет 2“, пак, на власта повеќе им одговара да биде одложуван и влечкан, зошто Јовановски веќе почна да ја отвора својата Пандорина кутија и да открива што сè знае за семејството Заеви и сите останати вмешани во висок криминал.
Јас овој ден ќе го прогласам како ден на политичката кампања во Македонија и донесовте политичка пресуда. Се работи не за обелување на правосудниот систем туку преку мојот притвор се покажа илиус или несврзани садови или сплеткани црева. Нема да се дадам во бегство, едвај го чекам први јули, едвај чекам да отидам во јавното обвинителство овие денови да ги пријавам сите сторители на кривични дела во оваа земја, изјави во завршните зборови за „Рекет“ Јовановски.
Токму завршните зборови на Јовановски и неговиот адвокат Сашко Дуковски го прикажаа очигледното сценарио за уништување на СЈО, замислено од лидерот на СДСМ.
Јовановски откри дека токму на една од средбите со Заев, тој објаснувал дека СЈО му направило голем проблем со покренувањето на случајот „Империја“, каде обвинети се Сашо Мијалков и Јордан Камчев.
Мијалков му бил потребен тогаш на Заев за промена на уставното име на државата, посочи Јовановски.
Боки oткри и дека сите патишта во случајот „Рекет“ одат кон семејството Заеви.
Парите рекетирани во оваа Македонија треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, рече Јовановски, но партизираното судство на Јовески и Русковска остана глуво на обвинувањата.
Вилма Русковска попрво ќе ja срушеше зградата на Обвинителството, пред да дозволи вештачење на мобилниот телефон на Јовановски, рече адвокатот на одбраната во својот завршен збор, објаснувајќи дека торбата Луј Витон не завршила во домот на Боки 13 туку на друго место.
Дуковски, исто така, рече дека снимката од 22 април јасно ќе покажеше кој ја земал и каде ја однел торбата, но тој доказ од „нејасна“ причина не беше дозволен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.