Mинистерката за образование и наука, Мила Царовска, порача дека со партнерства меѓу централната и локалната власт, како и со меѓународните партнери, може да се постигнат одлични резултати.
На промотивен настан во Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, Царовска посочи дека лица со попреченост кои студираат на битолскиот Универзитет од денес ќе имаат подобри услови за сместување и студирање.
Со партнерства меѓу централната и локалната власт, како и со меѓународните партнери можеме да постигнеме одлични резултати што се од интерес на сите што студираат во Битола и ги користат можностите на студентскиот дом кој од денес е пристапен за лицата со попреченост. Наша главна водилка низ поцесот на образование е сите ученици независно од нивниот развој да имаат еднаков пристап до сите услуги во основното, средно и високо образование, но исто така и пристап до сместувачките капацитети. Овој студентски дом во иднина ќе го користиме како модел за пристапност, но исто така и за начинот на кој условите и целата внатрешна инфраструктура се поставени – истакна Царовска.
Проектот „Изградба на инфраструктура за социјална инклузија во пелагонискиот регион, Центар за сместување и психосоцијална поддршка на лица од ранливи популации во државен студентски дом „Кочо Рацин“ – Битола го имплементираа Центар за развој на пелагониски плански регион и Министерството за локална самоуправа.
Министерството за локална самоуправа заедно со швајцарската развојна агенција успеаја да го реализираат овој проект кој беше идеја иницирана од Форум на заедницата. Поранешниот објект беше руина, а сега е прекрасно направен за што МОН даде итна согласност за негова реконструкција. Студенти со попречености ќе може да користат шест уредени соби, читална и кујна. Проектот чини 6 милиони денари и е реализиран успешно. Соработка меѓу македонската и швајцарската влада ќе продолжи и во наредните 3 до 4 години за што на располагање 6 милиони швајцарски франци и се надевам дека во Битола ќе има нови успешни проекти – изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.