Студенти од Тетово денеска излегоа на протест на градскиот плоштад со цел исполнување на нивните барања, кои ги изнесоа минатата недела. Десетици студенти во рацете носеа транспаренти на кои беа испишани нивните пораки до раководствата на универзитетите и до властите.

– Ние живееме во демократија, но не гледаме дека има демократија во оваа држава бидејќи студентите немаат право да кренат глас – истакна еден студент.

Тие потенцираа дека имаат 14 барања и очекуваат надлежните да ги исполнат без дијалог.

Тетовските студенти велат дека протестите ќе продолжат сѐ до исполнување на нивните барања.

Според одредени медиуми на албански јазик, се очекува протестите наскоро да се прошират и во Скопје. Дел од нив истакнаа дека се соочувале со притисоци. Неколку пати им беше хакирана и страницата на „Фејсбук“.

„Додека чекавме подобри услови, нашите желби скапаа“, порачаа студентите од центарот на Тетово на денешниот протест против корупцијата во високото образование, како и за подобрување на условите за студирање.

Со пораки како: „Обединети студенти“, „Сакаме библиотека, а не корупција“, „Политички партии, стојте подалеку“ и „Ги сакаме нашите права“, студентите, најголемиот дел од нив од Државниот универзитет во Тетово, одржаа протестен марш низ градските улици.

Студентскиот протест, организиран преку социјалните мрежи, беше најавен како борба против корупцијата, дискриминацијата, плагијаторството и партизацијата на образованието.

Студентите упатија 13 барања до надлежните институции, а меѓу првите се отстранување на надоместокот од 50 евра за задолжителната двомесечна пракса, намалување на партиципацијата за странски студенти за 50% и отстранување на трошокот од 100 евра за повторен упис Универзитетот.

Меѓу барањата се и укинување на задолжителната професионална екскурзија која сами си ја финансираат, или да им ја плаќа факултетот, а револтирани се и од тоа што професори ги условуваат да купуваат нивни книги, за да добијат потпис. Бараат подобро опремени кабинети за настава, но и објавување на статутот на Универзитетот и евалуацијата што ја прават студентите  за професорите на веб-страницата на универзитетот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.