Со вклучени сирени од автомобилите, развеани македонски знамиња и скандирања „Македонија, Македонија, Горан Пандев, Горан Пандев“ родната Струмица на македонскиот капитен ја слави големата победа на македонската фудбалска репрезентација против Грузија и пласманот на Европското првенство.
Граѓани и членови на навивачката група „Ајдуци“ се собраа во подземната гаража под плоштадот и крстосницата пред ТЦ„Глобал“ и со скандирања и запалени факели го слават историскиот успех на репрезентацијата.
Ова е голем успех. Еднаш се доживува Македонија да игра на Европско првенство заедно со најквалитетните репрезентации. Досега немавме за кого да навиваме на големите фудбалски собири, но идната година со срце и душа ќе ја бодриме нашата репрезентација и нашиот Пандев, рече еден навивач.
За Југослав Тренчовски, тренер на ФК „Академија Пандев“, чиј сопственик е Горан Пандев, големиот успех на репрезентативците е и негов најрадосен момент во неговата досегашна фудбалска и тренерска кариера.
Нека се радува Македонија, подобро од ова нема. Го имаме Гранде Пандев, го имаме сите херои. Честитки заслужуваат сите и посакувам успех на Европското првенство, рече Тренчовски.
Големата победа ја честиташе и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој меѓу другото напиша:
Нашата струмичка гордост, големиот Горан Пандев, докажа дека во Струмица чука големо фудбалско срце. Заедно со него вечерва чукаа и нашите. Ти благодарам Горане, ви благодарам момци-горди сме на вас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.