Во денеска објавената Привремена резолуција ResDH (2020) 197 на Комитетот на министрите на Советот на Европа донесена вчера на 1383-тата средба на замениците на министрите, а која се однесува на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права особено пресудата „Обединетата македонска организација Илинден и другите групи против Бугарија, се повикуваат бугарските власти да овозможат секое ново барање за регистрација на „УМО Илинден“ или здруженија слични на „УМО Илинден“ да се разгледаат во целосна согласност со членот 11 од Конвенцијата, односно дозвола за нивна регистрација, јави дописникот на МИА.

Во однос на формата законските барања, Комитетот на министрите во кој се претставени владините претставници на 47-те земји членки на Советот на Европа, таа треба да се примени на пропорционален, предвидлив и конзистентен начин, со јасни упатства до апликантите каде што е потребно, како и во врска со проценката на законитоста на целите на здружението и средствата за нивно извршување.

Понатаму, Бугарија е повикана да донесе законодавни или други соодветни мерки за да и гарантираат на агенцијата за регистрација поширока и поефикасна обврска да ги упатува здруженијата да ги коригираат досиејата за регистрација, секогаш кога тоа е објективно можно, со цел да се усогласи практиката на агенцијата за строго спроведување на формалните барања со ефективното остварување на правото на слобода на здружување.

Исто така, Советот на Европа ги повикува властите на Бугарија да пренесат порака и да продолжат со напорите за подигнување на јавната свест дека здруженијата што имаат за цел да го добијат „признавањето на македонското малцинство во Бугарија“ не смеат да бидат одбиени да се регистрираат врз основа на целите на здруженија и средства за нивно спроведување, што е во спротивност со пресудите на Европскиот суд за човекови права во овие случаи и дека овие здруженија не треба да бидат предмет на постапка за распуштање од слични причини.

Комитетот на министрите ги повикува „властите на Бугарија да ја финализираат својата работа за дополнување на упатствата за матичарите за да ги покријат прашањата што се дискутираат во оваа група случаи, како и да подготват упатства за здруженија наменети за корисниците и да се осигурат дека Агенцијата за регистрација сеопфатно ги идентификува недостатоците на досието за регистрација, како што налага националното законодавство, за да им овозможи на здруженијата брзо да достават досие за регистрација што ги исполнува сите законски услови“.

Комитетот на министрите одлучи да продолжи со разгледување на оваа група случаи најдоцна на состанокот закажан за во јуни следната година.

Во согласност со член 46, став 2, од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Комитетот го надгледува извршувањето на конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права. Оваа најнова резолуција на Комитетот на министрите е донесена откако се земени во предвид конечните пресуди што Судот ги достави до Комитетот во овие случаи и утврдените повреди во врска со неоправдано одбивање од страна на судовите, помеѓу 1999 и 2015 година, да регистрираат здруженија со цел да се добие признавање на „македонското малцинство во Бугарија“, засновано врз размислувања за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (наводни сепаратистички идеи) и уставната забрана за здруженија кои извршуваат политички цели, како и непочитување на формалните законски барања (прекршувања од член 11).

Комитетот меѓу другото забележува дека, од 2006 година, „Обединетата македонска организација – Илинден“ не е во можност да има полза од процедурите за регистрација во согласност со Конвенцијата. Постојано биле одбивани да се регистрираат врз основа на можноста здружението да го промовира постоењето на „македонско малцинство“ го загрозува националното единство и уставната забрана за здруженија кои извршуваат политички цели, кои систематски ги отфрлаше Европскиот суд во случаите на оваа група. Изразува и како што наведува „длабоко жалење што во најновите процедури за регистрација од 2019 и 2020 година, „УМО Илинден“ повторно наиде на проблеми поврзани со неконзистентната и формалистичка примена на законските барања“.

Комитетот исто така забележува дека неодамна здружение слично на „УМО Илинден“ беше предмет на постапка за распуштање непосредно по нејзиното регистрирање од слични причини и дека постапката е покрената од обвинителството по писмо од член на влада.

Воедно, Комитетот на министрите ја истакнува обврската на секоја држава, согласно член 46 став 1 од Конвенцијата, да ги почитува конечните пресуди на Европскиот суд во секој случај во кој таа е странка, целосно, ефикасно, навремено и со добра волја.

Спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права за регистрацијата на македонските здруженија во Бугарија се најдоа и во резолуцијата на Европскиот парламент за која ќе се гласа на осми месецов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.