Српски граѓани и други странски државјани кои транзитираат низ Македонија, се жалат дека вечерва заглавиле на македонско-српската граница за излез од државата затоа што е полициски час. Тие мора да останат во своите возила до 5 часот изутрина, иако ги делат само 10 метри од нивната држава – објави СДК.
„Во 19.15 часот влеговме од Бугарија и директно колку што можевме најбрзо стигнавме на граничниот премин Табановце, нешто после 20 часот. Кога влеговме во Македонија на границата со Бугарија, побаравме да ни дадат некој документ дека транзитираме за Србија, но ни рекоа дека нема да имаме проблем да заминеме. Се јавивме на бројот 192 во Скопје, а таму нè упатија дека проблемот ќе го реши граничната полиција. Полицајците се љубезни, но ни велат таква е процедурата и не смеат да постапуваат спротивно на тоа. Тие пратиле телеграма до Кризниот штаб во Скопје и ако тој им дозволи, ќе нè пуштат, ако не ќе останеме тука цела ноќ. Чекаме веќе 3 часа“, вели жена од Врање која дала изјава за СДК.
Таа и останатите луѓе на границата велат дека тие не се никаква закана за да шират коронавирус, бидејќи излегуваат од државата, а подготвени се да платат казна ако државата смета дека направиле прекршок, само за да ги пуштат да заминат. Вака се сметаат за заробени, бидејќи треба да поминат 10 часа на граница без храна и вода и основни хигиенски услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.