Порака од Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг: Членството во НАТО ја постави Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници.

Македонија е вреден сојузник на НАТО – вели Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во честитката за, како што рече, успешната прва година на Македонија во Алијансата.

Во видео обраќањето по повод годишнината, тој рече дека Македонија е суверена земја во силната Алијанса, со свое место на масата на НАТО и еднаков глас во обликувањето на одлуките. Тоа е крај на едно патување поплочено со храброст и одлучност, што ја постави Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници, а тоа е добро за граѓаните на Македонија, за регионалната безбедност и за трансатлантската безбедност – вели Столтенберг.

Нарекувајќи јаМакедонија сигурен извозник на безбедност, Генералниот секретар го поздрави учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО.

Заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги запознав вашите специјални единици кои се обучуваа во Скопје. Ги запознав и вашите високо професионални храбри трупи кои се борат против меѓународниот тероризам кога го посетив Кабул. Македонија е сигурен извозник на безбедност” – рече Столтенберг и го поздрави планот за инвестирање на 2% од БДП во одбраната. НАТО помага во создавањето на стабилност што е темел на економскиот раст – додаде тој.

Генералниот секретар на Алијансата се осврна и на солидарноста на НАТО во услови на пандемија, на новите безбедносни закани и рече дека на следниот Самит на НАТО ќе биде поставена амбициозна агенда за иднината на Алијансата преку иницијативата за НАТО 2030 година.

Во овие неизвесни времиња, уште поважно е да имате пријатели и сојузници. Затоа, честитки уште еднаш на Македонија за успешната прва година. Ви благодариме за континуираниот придонес на нашата заедничка безбедност. И благодариме на Канцеларијата за врски на НАТО за целата нивна помош и поддршка низ годините. Заедно стоиме, 30 сојузници на број. Заедно продолжуваме да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани заклучи Столтенберг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.