Поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски првпат излегува во јавноста по одлуката на Владата да биде разрешен од функцијата оти не се согласи да прими во институцијата 35 „рамковни“ административци со несоодветно образование. Тој во вечерашното гостување на ТВ 24 му порача на премиерот Зоран Заев дека одлуката за негово разрешување е избрзана и дека тоа и самиот ќе го сфати.
Иако имав покани, прв пат сега излегувам во јавноста. Не сакав да испадне дека правам нешто политички, сакав да помине Конгресот во СДСМ. Дека сум херој не знам, но ме радува поддршка од граѓаните и стопанските комори. Пред да дојдам, во ДПИ имаше 800 неправилности забележано годишно, сега се 8.000. Ако тоа граѓаните го поддржуваат, значи дека инспекторите почнале правилно да си ја извршуваат својата работа.
Пауновски вели дека за сите пречки со кои се среќавал во работата пишувал писма за да остави трага.
Пркос не сум правел. Само сум ја барал правдата и сум ја штител државата. Не сум можел до крај да ја заштитам. Но, несогласувањата даваат некогаш и напредок. Некој кога ќе отспие, ќе сфати што направил и ќе сфати дека не бил во право и погрешил. Велам никогаш немој да носиш избрзани одлуки.
Поранешниот директор на ДПИ во контекст на својата позиција во партијата и хајката што се води против него ги коментира и шпекулациите дека СДСМ е приватизирана партија.
Сакаат од херој да ме направат одметник. Што ќе ми направат, ќе ме избркаат од партијата? Ако е нивна партијата, ако станала навистина она што кажуваат, приватна партијата, може да ме истераат. Но, јас сум од основањето, од 1991 година во СДСМ.
Пауновски рече дека не го следел Конгресот и дека ова е негово прво телевизиско гостување по разрешувањето од функцијата. Досега не сакал да излегува за да не биде сфатен дека сака да прави проблеми на СДСМ во пресрет на конгресот.
Не го следев Конгресот, не ме интересираше, рече Пауновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.