Горан Стојановски, раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, и член на кризниот штаб, преку отворено писмо, кое го објави сајтот kumanovski muabeti, и реплицираше на директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова-Бухова.

„Директорке Сотирова-Бухова со оглед на фактот дека редовно ги пратам пресовите на Министерот Венко Филипче, а денеска и Вашиот, каде што говоревте за извештајот кој сте го направиле, а кој го споменувате и врз кој се базирате кога говоревте како човек и како одговорен граѓанин, ќе Ви укажам на неколку факти и грешки кои ги правите.

1. Не е точно дека не го знаете моето име и презиме, рековте ве цитирам “Г. “ без презиме, а со оглед дека Вашите инспектори вршеле контроли во повеќе институции во врска со мене, во ПЗО кај Матичниот лекар, во СВР Куманово, во ЦЈЗ кај инфектолог, во Брза помош, на Инфективно одделение Куманово, на одделението за ренген, во одделот за лабораторија, на Клиниката „Жан Митрев“ и Клиниката „Систина“;

Еве да ја расчистиме таа дилема за Ваша информација името и презимето Ви стои во горниот дел од текстот;

2. Велите дека лицата немале посериозни здравствени проблеми, епа еве за да ја деконструирам и таа Ваша констатација ви укажувам на неколку дијагнози кои јас, лично ги имам: Кардиоваскуларни проблеми, Миокардит, Позициониран левограм на срцето предизвикан од дискус хернија на желудникот, Висок крвен притисок и ред други хронични заболувања за кои доколку Вашите инспектори знаеле што треба да инспектираат во доказната постапка би ги добиле од мојот матичен лекар.

-Во однос на Вашите искази се толкува дека јас на евентуален преглед можам да се јавам исклучиво во живото-загрозувачка состојба, односно пред смрт. Не, тоа не коинцидира со Решението во кое се укажува цитирам: “Доколку лицето во текот на лекувањето и изолацијата има потреба од болничко лекување, претходно треба да се јави на тел. 192 со цел да му биде овозможено напуштање на домот“… Епа директорке јас се јавив на тој телефонски број, со име и презиме, со јасно дефинирана патека на движење, што значи го испочитував и се држев до поставениот протокол.

3. Ве прашувам дали направивте, (а во спротивно) Ви сугерирам да направите проверка дали јас, од страна на Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство, сум ставен во базата на Ковид-19 асимптоматично позитивни, како би можел мојот матичен лекар да ме превземе и вклопи во протоколот „Мој термин“, од каде ќе може да ја следи мојата здравствена состојба како позитивен на Ковид-19 и да ми креира упати по евентуална потреба до одделенија и клиники. Ако е направено тоа, ве замолувам кажете ми кога.

За Ваша информација, мојот матичен лекар, самостојно, без да ме превземе од базата која треба Министерството да ја објавува, самиот креирал протокол преку „Мој термин“ за да може да реагира во состојби ако и кога моето здравје е загрозено, и тоа на ден петок 24.04.2020 година. Добронамерна сугестија кон Вас: Упатете ги Вашите инспектори кон Министерството и Институтот за да направат увид зошто не Ви функционира овој систем.

4. Директорка Сотирова-Бухова зошто на јавноста не и укажете дека има протокол врз база на кој како регистриран асимптоматски Ковид-19 позитивен Вие немате право на тестирање ниту преку „Мој термин“ кај матичниот лекар, ниту преку епидемиологот, а ниту преку инфектологот, туку треба да е исполнет алгоритмот, а тоа значи да сте станале веќе пациент кој чека на врата на Инфективна клиника Куманово или Скопје за да легне мртов болен како би можел да се тестира постхумно.

Во мојот конкретен случај Вие ме обвинувате дека плаќајки го тестот од сопствен семеен буџет сум направил штета на Фондот за здравство, ама навистина не Ве разбирам. Да повторам за да сфатите – јас тестирање не направив на товар на Фондот како некои други, туку од сопствен џеб, пишува Стојановски во писмото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.