Благите мерки донесени од владата нема да помогнат во намалување на бројката на новозаболени, потребни се построги бидејќи сега за сега има само околу 1000 кревети слободни на ниво на државата, вели директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов во изјава за „Утрински брифинг“.
Стојанов додаде дека кога во Скопје беа 30-40 заболени од КОВИД можеше да се постигне, но сега кога на дневно ниво Скопје има 300-400 заболени веќе е проблем и тоа голем. Физички не може да се постигне.
Добивме помош од студенти, вклучени се и други профили на лекари, но сепак бројката од 400 плус минус е многу голема. Тие луѓе треба да ги дадат и контактите, ако еден контакт, еден позитивен има пет до 10, тоа е 2-4.000 секој ден да се анкетираат. Тоа е невозможно да се постигне. И полицијата веројатно е соочена со ограничен број на луѓе. Немате неограничен број на ресурси, немате неограничен број полицајци да седат пред секоја куќа. Проблемите се секаде, на секое ниво. Дали лабораториите ќе постигнат, лабораториите нема толку колку што би сакале да имате. И да отворите лаборатории, нема толку персонал што ќе работи. И лекарите се разболуваат, техничарите, сестрите. Сето тоа ја комплицира работата, нагласи Стојанов.
Стојанов посочи дека 5-6% се позитивни од медицинскиот персонал. Но исто така освен ковид-19 периодов напаѓаат и други болести кај граѓаните, а сето тоа ја отежнува ситуацијата.
Од сите тие мерки до сега што ги дадоа се беше со идеја да се намали. Но не се намалува бројката на заразени од корона вирусот. Или мерките не се доволни, или луѓето не ги почитуваат. И ден денес за жал се уште имаме веридби, свадби, крштевки, групирања итн. Факт е дека тоа ни го зголеми бројот на новозаразени, рече Стојанов.
Стојанов кажа дека мерките владата што ги донесе се благи. Комисијата побарала затворање на се после 21 часот не само рестораните туку и продавниците, пекарите. Но ако продолжи трендот на зголемување на бројката на заразени мерките треба да бидат построги.
Ние сега во моментов баратаме со некоја бројка од 1.000 кревети во државата. А, имаме некаде околу 700 плус минус, бидејќи има луѓе што се отпуштаат, има луѓе што доаѓаат, потенцира Стојанов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.