Преку НИКС (Next generation incident command) системот во реално време ги добиваме сите податоци и потоа ги дигитализираме. НИКС системот служи за просторно прикажување податоци во реално време, информира денеска директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на прес-конференцијата на која беше промовиран НИКС системот.
Имаме визуелна претстава, ја имаме картата на Македонија пред нас, со кликање можеме да влеземе во кој било пожар, да видиме каков е неговиот статус, дали е изгаснат, дали е активен, дали е под контрола. Доколку е активен да видиме колку сили се на терен, колку припадници на противпожарните служби, од странските, домашните, колку припадници на полицијата и на Армијата се ангажирани, колку цистерни, колку возила, буквално сите информации ги имаме на дланка. Овој систем е во развојна фаза, но сега побарав да се забрза неговото финиширање и да биде ставен во употреба во служба на гаснењето на пожарите – појасни Ангелов.
Д-р Урим Вејсели, еден од авторите на системот на прес-конференцијата посочи дека проектот започнал во 2016 година и е дел од НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“. Во проектот учествуваат заедно со колегите од Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а вклучени се и САД, поточно МИТ Универзитетот и Линколн лабораторијата.
Како што информира тој, досега се обучени 1.100 учесници од сите институции кои се дел од системот за управување со кризи на национално и на локално ниво, а учествувале и на неколку вежби.
Во склоп на проектот е планирано да се заврши обука за обучувачи од сите институции, како и администратори кои во склоп на нивните институции ќе можат да ја администрираат мрежата.
Системот овозможува размена на информации во реално време, не само информации, туку и слики и видео. Моментално серверот се подготвува за да може да поддржува и видео проекција во реално време да може точно да се види што се случува на терен. Во делот на координацијата, системот овозможува на заедничката мапа точно да ги видиме сите институции во реално време каде се наоѓаат и нивните претпоставени да ги координираат. Може со едно кликање да добие СМС порака во кој правец треба да се движи и што е неговата задача понатаму. Сите тие работи се снимаат, има и тракинг систем, точно се гледа каде се движи, да се види точно каде биле на терен за да може при аналлизата да се утврдат дејствувањата и како да се подобрат во иднина – појасни Вејсели.
Најави дека во септември ќе се одржи првпат НАТО вежба во која ќе учествуваат сите земји членкии на која е планирано НИКС системот комплетно да се тестира на сите нивоа (локално, национално и меѓународно) со цел сите слабости да се отстранат и од 1 октомври системот да функционира комплетно дигитално, користејќи го НИКС како алатка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.