Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски пренесува извадок од колумната за Фокус.

Човеку влегоа во војна со народот за да може да истуркаат политички договор наречен пребројување на проценти. Се плашам дека и тоа не е за некакво остварување на права, туку само за замена, за трговија на политиките на Зоран Заев со процентот на вработени партиски војници на Али Ахмети во јавната администрација. За ништо друго! Попис е секако сериозна и прескапа операција, некаде над девет, чинам, милиони евра се планирани за пописот, само за да може да се тера политичкиот договор на парнерите во владата. Или уште поточно, за да истера атерот на „двете влади“ онаа на Илинденска и онаа во барокната нова зграда во комшии на плоштадот Скендербег.
Колку и да се прават дека се е легално, сите знаат дека не е во ред да се влегува во попис без политички консензус. Ова е рамковна држава, не е граѓанска, политичките партии во власта неспособност за оподобар живот ја супституираат со броење двојазични табли пред избори. И со ветувања за платичка од и онака празниот буџет. Да, мислам на Бујар Османи, дечкото што не доби датум како министер за ЕУ интеграции, а сега како министер за надворешни „попи корпа“ од Бугарија. Ама затоа дечкото спротивно на Уставот турна двојазичнност во комуникацијата во МНР. Видете како фино компензира, нема ЕУ, нема подобро утре, нема економија, ама има двојазичност! Уриме, зоти Бујари!
И Стево Пендаровски си се поплука, не му е прв пат, а веројатно нема ниту последен да му е. Пред еден месец во Собранието порачуваше „државнички“ демек, дека е потребен консензус и прифаќање на конструктивните барања на опозицијата за да има општ поттик и доверба кон процесот, за сега, законнот доннесен без опозиција и со одбиени сите- нагласувам СИТЕ ДО ЕДЕН амандмани од опозицијата, тој да го потпише. Така му рекле. Си потпиша Стево иако му е јасно како бел ден дека почнаа лицитациите, кој за 25, кој за 20 проценти, што упатува баш кон она за што се говори- дека станува збор за договорен процес, и само им треба театар за тоа да помине „незабележно“.
Дека цела работа смрди на километри покажува и стравот на власта, па цело време нафрла закани кон токму оние кои што треба да ги примат в куќи за својот театар, па ред злобни лажни стрели кон опозицијата. И во тие закани предничи Апостол, „семоќниот“ директор на Статистика, а сиромавиот професионалец го врзаа со потпис за оној полит-комесарот заменик од ДУИ. И фрла Апостол „чифтиња“ со поглед од под веѓи, ќе затворал, кривични ќе поднесувал. Тоа што нема законска можност за тоа, нема врска, Апостол да си се закани, да си го подигне егото со кое настапува дека Тој е Алфа и омега за пописот, а не Заев.
Е па супер. Сега точно може да се лоцира одговорноста ако дојде до било какво отстапување во процесот. А ќе има отстапувања, за жал. Премногу можности има за тоа и за пропаст на пописната операција и потоа на постпописната анализа, за на крај сето да заврши со податоци кои што ќе се неточни и ќе водат кон фалсификат. И потоа ќе дојде на ред да се бара одговорноста зошто на пример ја нема методологијата во законот, зошто се бега од точни дефиниции на поими, нема голем дел од она што се препораки на ООН ниту од она што значи стандард на закони за попис ако не подалеку, во регионот. И потоа- е потоа ќе дојдат вистинските кривични и барање на одговорност, Апостоле.
И затоа најмногу ги плашат најавите за собирање на потписи против законското решение. Правно доволно е еден пратеник да побара гласање на поништување закон. Исто правно тоа може да се направи со 10.000 потписи. Тоа нема да ја смени намерата на договрената власт. Но ако се соберат стотици илјади потписи, тоа нема да може да се игнорира. Законот замислете забранува референдумско изјаснување за прашања донесени со Бадинтер. Но затоа не забранува собирање на потписи за иницијатива за поништување на донесен закон. Па нека ова собирање на потписи биде токму тој своевиден референдум против ваков не-попис! Нека биде референдум за вистински Попис. Потребен е сечиј Потпис за Попис!
Не само на заменикот, врзаниот потпис за Апостол. Потребен е потпис против договорена поделба на договорени процети. Потребен е потпис за закон за попис кој што ќе значи вистиски параметар за планирање на иднината. Потребен е попис за да се спречи процесот од два милиона жители пред 10 години, годинава да сме 1.5, а по следите 10 години да нема ниту милион жители во Македонија.
Потребен е потпис за попис кој што ќе значи стопирање на иселувањето, преку планиран развој за подобар живот и планирање на опстанок на државата. Ако ова не го разбрал Апостол, во што не сакам верувам, тогаш нека продолжи да заплашува со „затвори и кривични“. И нека продолжи да се фали дека тој стои зад пописот ко што му зависи од потписот на професионалниот војник на ДУИ. Па да видиме чиј потпис е посилен, на заменикот на Апостол или на стотици илјади граѓани?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.