Во организација на македонската асоцијација на новинари МАН и Здруженето на новинарите на Србија (УНС) денеска 100 новинари и медиумски работници од Македонија се вакцинираа против ковид-19 во Врање, Србија со „Астра Зенека“.

Некои од нив објавија фотографии од чинот на вакцинирањето, како и потврди дека ја примиле првата доза на вакцината.

„Примили смо вакцину“, напиша шеговито на фејсбук новинарот Јован Ѓорговски од Канал 5 телевизија.

Од објавените фотографии се гледа дека тие ги примиле вакцините во здравствениот дом во Врање.

Инаку, денеска стотина македонски новинари со обезбеден автобуски превоз од МАН или со личен превоз по избор беа во Врање на вакцинација со АстраЗенека, а обезбедена е и втора вакцина за ревакцинација.

Повикот за заинтересираност беше објавен минатиот петок, а веќе наредниот ден квотата била исполнета.

Сто медиумски работници доброволно се пријавија на повикот на МАН да се заштитат со вакцинација против вирусот Ковид-19 и сите пријавени добија повратни емаил потврди дека се регистрирани за вакцинација. Деталите за организираниот автобуски превоз (време и место на поаѓање и враќање од Скопје до Врање и назад) официјално ќе ги доставиме утре претпладне… пишуваше во јавниот повик од МАН до новинарите.

На барање на МАН, Здружението на новинари на Србија преку кабинетот на Претседателот на Србија Александар Вучиќ, одобрена ни е вакцинација и ревакцинација за 100 лица која денес е успешно спроведена. Барем 100 новинари од Македонија се од денес заштитени од вирусот Ковид 19“, изјави новинарката Ивона Талевска, претседател на МАН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.