Првите 12 машини за асистирано дишење – респиратори и друга лична заштитна опрема, како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби за земјава денеска пристигна во Министерството за здравство.

Помошта ја врачи шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Самуел Жбогар кој истакна дека ова е првиот пакет од поддршката што Брисел ја најави пред неколку недели, а ќе биде доставена на Клиничкиот центар и Болницата „Осми септември“.

-На сите ни се познати трагичните слики што ги видовме во Милано и Ломбардија, кога поради недостиг на респиратори лекарите мораа да носат тешки одлуки. Во таа смисла, респираторите се од критично значење за пациентите најпогодени од вирусот. Тешко е да се набават, оти на сите им требаат, но среќни сме што, со помошта од УНОПС, успеавме да донесеме 12 сега, а уште неколку ќе следуваат подоцна. Ова се првите респиратори што земјата ги добива по почетокот на кризата. Со ова потврдуваме, уште еднаш, дека ЕУ е со вас во кризава, рече Жбогар.

Земјите членки, додаде тој, продолжуваат да даваат поддршка, освен медицинската опрема, и преку неколку проекти за кои е разговарано со Владата за да и помогнеме и во соочувањето со економските последици од кризата.

-Ќе придонесеме и со 160 милиони евра во буџетот на државата за да се решат фискалните проблеми и земјата да може да обезбедува плати, субвенции и социјална помош во иднина. Денеска е убав ден, во кој ЕУ ви покажува дека е со вас и е вашиот најсилен партнер во борбата со оваа болест, порача евроамбасадорот Жбогар.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров нагласи дека оваа пратка е дел од големата помош што ја добиваме од ЕУ.

-ЕУ е несомнено нашиот најголем донатор во кризата предизвикана од пандемијата и оваа видлива и конкретна помош дава чувство на сплотеност, солидарност и сигурност дека заедно ќе излезме на крај од ова премрежје. Ние сме третирани речиси како да сме земја чланка на Унијата во поглед на вклученост во механизмите и фондовите за справување со пандемијата од вирусот Ковид-19. За тоа говори не само денешната донација која доаѓа во вистински момент од 12 нови респиратори, 5.000 специјални заштитни маски за здравствените работници, туку и целокупната европска досега најавена и планирана помош… Благодарност до ЕУ што ги препознаа и поддржаа нашите напори за справување со овој заеднички глобален предизвик и благодарност што ни дадоа чувствио на припадност кон Тимот Европа, подвлече Димитров.

Четирите милиони евра за итна неопходна медицинска помош се дел од донацијата од 66 милиони евра од страна на ЕУ за справување на земјва со корона – кризата, а вклучува и 3 милиони евра директна поддршка за буџетот на земјата која ќе биде трансферирана во наредните недели, 9 милиони за МСП, 40 милиони распределба на фондови за помош на МСП и мерки за активно вработување, 10 милиони евра алокација за можни здравствени и други итни потреби што може да се појават. Покрај оваа донација, посочи, Делегацијата на ЕУ заедно со други партнери е во процес на подготвување на можно пренасочување на фондови од постоечките проекти кон итни мерки за закрепнување поврзани со ковид кризата. ЕУ, рече Димитров, активираше и разни механизми за понатамошна помош во управување на кризата со Ковид 19 и потсети дека во средата ЕК предложи пред ЕП и Советот на ЕУ нови 160 милиони евра макрофинансиска помош за буџетот на земјата во форма на заеми за управување со фискалните последици од кризата.

Македонија, наведе шефот на дипломатијата, има право да биде поврзана со Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и Системот на ЕУ за брзо предупредување од заразни болести. ЕУ е во процес на ослободување на извозот на медицинска опрема за земјите од Западен Балкан вклучувајќи не и нас. Како земја партнер имавме, рече, можност да побараме поддршка од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а покрај поддршката од ЕУ земјата доби и билатерална поддршка од многу земји челнки на ЕУ.

Респираторите кои денеска пристигнаа во земјава се произведени во Јужна Кореја, а според договорот потпишан на 3 април, останува преку УНОПС да се испорачаат уште осум респираторни машини или вкупно 20. Во рамките на помошта од Европската Унија, во континуитет пристигнува медицинска и заштитна опрема согласно утврдената приоритетна листа, нацедуваат од СЕП



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.