Пред две недели американскиот Стејт департмент го објави, па набрзо го повлече Извештајот за инвестициската клима во земјава кој изобилуваше со критички тон. Денеска е објавен „целосниот“ документ, во кој не само што не се коригирани старите заклучоци туку се додадени и нови
Извинете, по грешка е објавен нецелосен извештај. Тоа беше одговорот од Амбасадата на САД во Македонија кога на 7 јули беше објавен, па набрзо повлечен Извештајот за инвестициската клима во земјава.

Кој работи, тој греши, гласи народната, но многумина не поверуваа дека американската администрација направила грешка со објавувањето, особено што документот имаше бројни критички забелешки и тоа особено за корупцијата. Сите што очекуваа дека „целосниот“ извештај ќе биде „испеглан“, згрешија. Новиот извештај додава нови критики,објави 360 степени.

И во стариот извештај, Стејт департментот јасно кажа дека корупцијата е постојан проблем во земјава. Во новиот извештај, во поглавјето за корупција, првиот параграф вели – закони има, ама власта гони само критичари и престапници од ситен калибар.

Македонија има закони чија цел е борба против поткупот, злоупотребата на службената положба, конфликтот на интереси, а владините функционери и нивните блиски роднини се законски обврзани да ги објават нивните приходи и имот. Сепак, спроведувањето на антикорупциските закони на моменти е слабо, при што селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од низок калибар. Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата/обвинителството, судството и многу други сектори, пишува во Извештајот.

„360 степени“ го провери истиот извештај, но од изминатите години. Историски, може да се вратиме до 2017 година, а од увидот е заклучено дека овој параграф е речиси непроменет најмалку четири години. Тоа сугерира дека во овој дел Вашингтон не препознава напредок во земјава.

За да нема забуни на кого се однесува коментарот за слабо спроведување на законите, веќе во следните реченици се кажува од кого е задоволна американската администрација.

Актуелната Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), избрана во февруари 2019, почна повторно да работи по усвојувањето на новата антикорупциска легислатива во јануари 2019 година и покажува особена проактивност оттогаш. ДКСК отвори повеќе анти-корупциски истраги кои се фокусирани на високопозиционирани функционери од целиот политички спектар, за непотизам и конфликт на интереси, пишува во Извештајот.

Сепак, не е се црно во делот од извештајот посветен на корупцијата. Пофалено е судството за пресудите против обвинетите од предметите на СЈО, но и Владата за воведувањето на етички кодекс за избраните и именуваните лица.

Откако шефицата на Специјалното јавно обвинителство беше обвинета за рекет во ноември 2019 година и откако нејзиниот мандат истече, сите случаи на СЈО (кои произлегоа од скандалот со масовното прислушување а кои открија широки злоупотреби на службената положба и корупција од страна на поранешни функционери, вклучувајќи јавни набавки) беа префрлени во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Неколку високопрофилни случаи беа завршени во 2020 година, во кои обвинети добија казни и до 12 години затвор. Транспаренси Интернешнл ја рангираше  Македонија на 111 место од вкупно 180 држави во Индексот за перцепција на корупцијата за 2020 година. Тоа е пад од 5 места, кој се должи на недоволните владини усилби за борба против корупцијата и конфликтот на интереси во јавната администрација. Последователната јавна разочараност и притисок поради високиот индекс, делумно, го поттикнаа заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата да воведе Етички кодекс за членовите на Владата и сите други функционери именувани од Владата, се наведува во документот.

Пофалени се и електронските системи во Царината и Бирото за јавни набавки кои овозможуваат транспарентно следење на процесите. Но, потоа, повторно се критикува Владата. Дека не е донесена забрана за приватниот сектор да нуди мито, а и дека странските компании, вклучувајќи ги и тие од САД, се жалат на корупција во јавните набавки.

Владата не бара од приватниот сектор да воведе внатрешни правила за забрана на поткуп на јавни функционери. Повеќе домашни НВО-а се фокусираат на борбата против корупцијата и транспарентноста во јавните финансии и јавните набавки. Чести се извештаите за непотизам во јавните набавки. Владата не им нуди посебна заштита на НВО-ата вклучени во истражувањето на корупцијата.

Многу бизниси кои работат во  Македонија, вклучувајќи и некои компании од САД, ја идентификуваат корупцијата како проблем во јавните набавки и во судството, пишува во Извештајот.

Целиот извештај, на англиски јазик можете да го прочитате ТУКА.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.