Лиле Стефанова, јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство во денешната изјава која е објавена на официјалната страница на СЈО вели дека не се согласила со одлуката на Катица Јанева на осомничените во „Империја“ притворот да им биде заменет со куќен притвор.

Во втората половина на месец декември 2018 година јас лично како предметен обвинител изразив несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот „Империја“, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор. Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги предвид сега објавените снимки, вели во писмената изјава Стефанова.

Стафанова, како предметен обвинител за предметот „Империја“, кој засега е во центарот на вниманието и околу кој кружат голем број на шпекулации, смета дека неопходно во јавноста да изнесе одредени информации, токму во насока на спречување на таквите шпекулации.

Според Стефанова, таа не се согласила ниту со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај нејзиното спротиставување, такват согласност била дадена.

Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење, вели Стефанова.

Понатаму таа објаснува:

Во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата која се одржа во просториите на Специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски. Во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет ниту пак ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева.

На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 6 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмети кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „ да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период, се вели во писменото соопштение на Стефанова објавено на страницата на СЈО.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.